Жителите на четири улици во центарот на Битола веќе една година се движат низ кал и прашина поради долгата реконструкција. Додека граѓаните реагираат, а опозициските советници иронично „слават роденден“ на проектот, од општината велат – работите конечно влегуваат во завршна фаза.

Кал, прашина и револт кај граѓаните – вака изгледа секојдневието на жителите од четири улици во центарот на Битола, кои веќе една година се реконструираат. Станува збор за „Козара“, „11 Март“, „Чеде Филиповски“ и „Панде Николов“.

- Ова е срамота, ова ни било ни ќе биде. Прашина голтам, тешко нас, вели еден битолчанец.
- Ова е страшно долго, не смее толку долго да трае. Оваа „Козара“ кога ќе е готова? Колку години им требаат? Неодговорност, не знам друго што да кажам, вели друг граѓанин.

Независните советници од „Поинаку“ реагираа со герила акција – со роденденска торта одбележаа една година од почетокот на работите и на седница на Советот иронично предложија преименување на улицата „Козара“.

- Жителите една година се гушат во прашина и се дават во кал, не можат ни да излезат од дома, барам таа улица да се преименува во улица „Тони Коњановски“, рече Никола Гаговски, советник од Поинаку.
Преку видео порака објавена на социјалните мрежи, градоначалникот Тони Коњановски се извини и најави завршница на работите.

- Долго време работите беа закочени зашто локациите се во заштитеното подрачје, старото градско јадро, што бара време од надлежните институции. Конечно се доби зелено светло, градените активности продолжуваат и з аскро време ќе следи асфалтирање“, рече Коњановски.
Четирите улици се дел од Проектот за трајни промени на Владата, чини 13 милиони денари и е финансиран од Министерството за транспорт и Општина Битола.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
