Скрининг програмите за рано откривање рак сериозно потфрлија. Главниот проблем е нискиот опфат на жени и задоцнетите резултати. Државниот ревизор укажува на алармантни последици. Дури 80 проценти од пациентките доцна ја откриваат болеста и со терапија почнуваат во понапредна фаза.
Дали е недоверба или неинформираност тоа што едвај 5,4 проценти од жените прават скрининг за рак на дојка? – Кај ракот на грло на матка, опфатот е малку поголем околу 15 %, но и натаму далеку под европските препораки. Иако во периодот од 2021 до 2024 година се направени над 130.000 ПАП тестови и околу 20.000 мамографии, системот не ги дава оечкуваните резултати.
„Кај мамографскиот скрининг, резултатите во просек се издаваат по околу 25 дена, а кај значителен број жени и по повеќе од 60 дена. Додека кај скринингот за рак на грло на матка, дел од примероците за ПАП тестови се анализираат со значително доцнење“, укажуваат од Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Здруженијата на пациенти одамна алармираат дека во Макеоднија нема вистински скрининг програми, туку обиди кои сериозно потфрлаат. Ана Марјановиќ од „Хема-Онко“ вели дека за ефективен скрининг мора да се вклучат сите чинители во здравствениот систем, од „Мој термин“ и матичните лекари до специјалистите. Таа додава дека пациентите треба да бидат едуцирани и дека треба да постојат законски мерки за оние кои добиле термин, а не се појавуваат.
„Потфрламе. Сериозно потфрламе во овој поглед и треба да се работи. Има некои чекори направени напред, меѓутоа за да станува збор за скрининг програми треба да имаме капацитети да го опфатиме целото население. До овој момент, ние такви капацитети немаме, да не зборуваме дека оваа скрининг програма не беше со повици, беше со самите пациенти да се пријавуаат, па имавме голем број на пациенти кои што се пријавуваа, а не добиваа термини. Па имавме термини коишто се дуплираа и имавме оние пациенти кои што се со симптоми, а не можат да влезат во програмата, па тие се губеа некаде во системот и мораа сами да наоѓаат термин“, коментира Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“.
И министерот за здравство признава слабости во скринигот и најави промени.
Државните ревизори во извештајот укажуваат и дека програмите се планираат од година за година, без јасна долгорочна стратегија. Наместо да се мери колку животи се спасени, се брои колку прегледи се направени. Дополнително, нема доволно пари и кадар, а опремата не е рамномерно распределена. Недостигаат радиолози, патолози и цитолози.
Проблем е и тоа што системите не се поврзани. Нема целосен увид што се случува со пациентките од скрининг, преку дијагноза, до лекување. Дел од нив продолжуваат во приватното здравство, па податоците остануваат нецелосни. Нема ни доволно информации колку жени воопшто се одзиваат на повиците за скрининг, а кампањите за подигнување на свеста не се доволно силни. Пораката од ревизијата е јасна – без сериозни системски промени, нема да има напредок.
Симона Петровска
