Јавното обвинителство постапува врз основа на докази, а не врз основа на повици, велат во Обвинителството, откако вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски ги повика да проверат на кој начин се легализирани парите на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков со кои гради хотелски комплекс на една од најатрактивните локации во Охрид.
„Јавното обвинителство постапува во согласност со своите законски надлежности и врз основа на евентуално доставени докази за сторено кривично дело или по допрен глас, но не и по повик. Доколку се обезбедат докази кои даваат основ за сторено кривично дело во овој случај, јавното обвинителство секако ќе постапи во согласност со своите надлежности“, велат во Јавното обвинителство.
Вицепремиерот Николоски, во интервју за Топ тема на Телма во средата, рече дека хотелот на локалитетот Горица ги има сите потребни дозволи и нема никакво урбанистичко прекршување, но клучното прашање е потеклото на парите – како му се легализирани парите на Мијалков за да може да гради хотели.
„Од она што го знам од Општината, тие дури и градат во помал габарит од тоа што е таму урбанистички план, што значи дека ним целта не им е тука профит да прават, ним не им е целта тука да прават пари, ним целта тука им е да ги легализираат парите коишто претходно Вилма Русковска им даде шанса да го направат и тоа е клучниот проблем овде. Еве имаме и промени во Обвинителството, нека излезат, нека проверат, да видиме на кој начин тие пари се легализирани“, рече Николоски во гостувањето во Топ тема пред неколку дена.
Хотелот на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје го гради фирмата Дивелоп груп. Сопственик на една третина од Дивелоп груп е фирмата Бест веј инвестмент во сопственост на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков.
Дивелоп груп го купува земјиштето од Република Македонија во 2011 година на јавно наддавање од Министерството за транспорт и врски. Фирмата на младиот Мијалков влегува во сопствеништвото на фирмата во 2018 година, кога ги презема уделите од Орка Холдинг, кога татко му веќе не е на функција.
Сашо Мијалков во 2022 година призна вина и доби 3 години затвор за перење пари во случајот Империја и му беше конфискуван имот од 36 милиони евра.
Срѓан Стојанчов
