Израелската армија соопшти дека започнала со операции во јужен Либан. Испратени се дополнителни копнени трупи во Либан за она што го нарекуваат „ограничена и насочена операција против терористичката инфраструктура на Хезболах во јужен Либан“.
Масовни експлозии се слушнаа во главниот град Бејрут. Според тамошните власти и новински агенции најмалку седум лица се убиени во израелските воздушни напади.
Израелската армија извести дека „војниците дејствуваат во евакуирани области што ги користеле терористите на Хезболах за да ја искористат цивилната инфраструктура за терористички активности“. За време на активноста, војниците пронашле оружје.
Хезболах почна да испукува ракети кон северен Израел по американско-израелскиот напад врз Иран на 28 февруари, а потоа Израелската армија издаде наредби за евакуација за многу населби во Бејрут, како и во јужен Либан.
Израелските напади раселија повеќе од 800.000 Либанци од големи делови од јужниот регион на земјата и јужните предградија на нејзиниот главен град, а околу 850 луѓе се убиени во Либан. Постојат стравувања дека Израел подготвува голема инвазија во Либан.
Т.Д.
