Колку ќе ја чинат државата новите 150 еко-автобуси, чиј план за набавка помина во Владата минатата седмица? – Прашањето се поставува ако се знае дека за годинава во буџетот се предвидени само околу пет милиони евра за обнова на возниот парк за градски превоз. Овие пари, ако се земат бројките од набавката од пред седум години кога еден чинеше околу 260.000 евра, се доволни за сега да се купат 20-тина автобуси. Од Министерството за транспорт, кое треба да го распише тендерот за новите 150 автобуси, кусо одговараат дека парите ќе бидат од буџетот.
„Министерството за транспорт работи во насока на распишување на нова јавна набавка за набавка на 150 еколошки автобуси за јавен превоз и 75 станици за полнење. Се работи за сложена постапка и во овој момент се разработува модел по пој ќе се спроведува набавката. Во однос на средствата, Ве информираме дека истите ќе се обезбедат од буџетот. Со подетални информации во однос на начинот на набавка и финансиската конструкција ќе информираме следните денови“, министерство за транспорт и врски.
Дали можеби дел од парите ќе бидат од нов кредит? – Пред извесно време, премиерот Мицкоски спомена дека се обезбедени пари за 150 електрични автобуси за Скопје и другите градови, најголем дел преку стратешкото партнерство со Унгарија. Градоначалникот на Скопје, пак, кажа дека до крајот на годинава ќе пристигнат 100 нови. Претходно, тендерот за набавка на автобуси што го објави Министерството за транспорт и врски заврши без успех, со образложение дека се јавила една компанија која не ги исполнувала условите.
И додека се најавува обнова на возниот парк, секојдневно во анкетите граѓаните зборуваат за тоа дека не можат да се потпрат на јавниот превоз. Често се случува да доцнат или пак воопшто да не дојдат, иако на таблите на автобуските постојки има возен ред на кои стои кој автобус со кој број за колку време треба да стигне. Се доцни на работа, на училиште. Многу пати може и да се забележи дека по улиците стојат поради дефект, но и да прочитаме дека и некој автобус се запалил.
Во времето, пак, кога градоначалник на Скопје беше Данела Арсовска, според пишувањата во медиумите, точката за набавка на 250 еко-автобуси повеќе од 20 пати била доставена до советниците, но не била поддржана да биде дел од дневниот ред, а двапати кога била советниците од ВМРО ДПМНЕ не ја гласале.
Ирена Чачкова
