31 мај 2027 година е новиот рок до кога треба да се заврши автопатот Кичево – Охрид откако вчера во Собранието пратениците го изгласаа осмиот анекс на договорот кинеската „Синохидро’“. Од првичните 411 милиони евра, засега 57- те километри ќе чинат најмалку 744 милиони евра или 13 милиони евра за километар автопат. Камен темелникот беше поставен во 2014 година а за 12 години и три влади завршени се 37 километри од вкупната траса.
Осум години им биле потребни на античките римјани за во првиот век од нашата ера да го изградат Колосеумот во Рим а во Македонија веќе дванаесетта година се градат 57-те километри автопат од Кичево до Охрид.
Вчера пратениците го изгласаа осмиот по ред анекс на договорот меѓу Владата и кинеската Синохидро со кој рокот за изградба од првичната 2018 година се пролонгира до 31 мај 2027 година а се обезбедија дополнителни 186 милиони милиони евра со што вкупната цена засега се искачи на 744 милиони евра од почетните 411 милиони евра во 2013 година. Ова значи дека сега засега еден километар автопат чини 13 милиони евра.
Камен темелниот за почеток на изградбата на 57-те километри автопат од Кичево до Охрид беше поставен во 2014 година кај селото Извор.
Првиот анекс е склучен во мај 2018 година со кој се продолжува рокот за изградба до јуни 2021 година. Во септември и ноември 2018 години се склучуваат два анекси со кои се пренаменуваат паричните средства од основниот договор во висина од 206 милиони евра и се вклучуваат дополнителни и непредвидени градежни работи а цената се поскапува за 186 милиони евра.
Со четвртиот анекс од 2020 година се бришат одредби од првиот анекс на договорот додека петтиот анекс од декември 2021 година го пролонгира рокот за изградба до 21 декември 2023 година. Шестиот анекс на договорот од април 2024 година го пролонгира рокот за изградба до 31 декември 2026 година а седмиот анекс се менуваат техничките услови.
Автопатот беше дел и од ревизијата на ДЗР и посочен како пример за неуспешни капитални инвестиции.
Првите километри по автопатот се извозеа лани во јули кога беше пуштена делницата од Врбјани до Ботун во должина од 20 километри како и 17-те километри од Климештани до Охрид кои беа пуштени во септември минатата година со што од 57-те километри на автопатот Кичево-Охрид ставени во употреба се вкупно 37 километри.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
