Швајцарската влада соопшти дека одобрила вонредна финансиска помош во износ од 50 000 франци (48.000 евра) за настраданите во пожарот во барот во Кран Монтана во текот на новогодишната вечер.
Овој таканаречен солидарен придонес ќе биде доделен на секој од 115-те повредени и на семејствата на 41-едно лице кои ги загубија животите во огнената стихија, одлучи Федералниот Совет.
Првичните резултати од истрагата утврдија дека пожарот во барот Ле Констеласион избувнал од прскалките на шишињата со шампањ кои ја запалиле пената за звучна изолација поставена на таванот во подрумот во барот, кој бил преполн со луѓе.
Најголем дел од жртвите биле млади луѓе, 8 од нив се на возраст под 16 години, додека 58 од повредените во страотниот пожар се уште се лекуваат заради тешките изгореници.
Според швајцарската влада, оваа сума се доделува како надополнување на првичната итна помош од 10 000 франци која ја додели регионалната влада на кантонот Вале, во чиј состав се наоѓа Кран Монтана, за да овозможи „брза, небирократска помош за луѓето на кои им е таа неопходна“.
Федералната влада на Швајцарија исто така вети дека ќе обезбеди финансиска помош во износ од 20 милиони франци и ќе посредува во разговорите меѓу настраданите, официјалните претставници и осигурителните компании за постигнување договори за компензација.
Н.И.
