Уставниот суд одлучи да ја запре постапката за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик (КЗ). Собранието на почетокот на годината ги изгласа измените по укажувањата од судот, откако претходно рокот го пробија за неколку месеци.
Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, вели дека мнозинството судии сега ценат дека новото решение е далеку од идеално, но и далеку подобро од претходното.
„Пречестото менување на законите е тешка повреда на владеењето на правото. А, ние имаме закони што се менувани стотици пати. Истото се однесуваше и во конкретниот случај. Една од причините за запирање беше да одржиме една правна сигурност, каква-таква. Дали е идеално?! – Не е идеално. Дали е подобро од претходното?! – Драматично! – Дали е подобро и од претходното?! – Имам свое мислење, но тоа е ирелевантно“, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Пред точно еден месец, Собранието по многу куса расправа, со 76 гласа „за“ и еден „против“, ги изгласа измените на КЗ. Со нив се предвидени нови казни за злоупотреби на функционерите, повисоки од спорните измени од 2023 година, но пониски од старите одредби со кои максимална казна за злоупотреби при јавните набавки беше 20 години и застаруваа за 40. Сега максималната казна е до 10 години затвор и има поинаков опис на кривичното дело.
Експертската јавност и невладините организации сметаа дека и со новите измени во Кривичниот законик се бришат кривични дела поврзани со функционери, особено при спроведувањето на јавните набавки.
Во меѓувреме, во најава е донесување и на целосно нов Кривичен законик, кој се подготвува во министерството за правда.
Петар Догов
