Вести Македонија Топ вести

Одземени шест лиценци на компании за медицински канабис, системот на испит

Сите четири фирми кои се дел од скандалот со шверцот на марихуана ги изгубија лиценците и тие се дел од вкупно шест компании кај кои се констатирани неправилности и законски прекршоци.

Одлуката за одземање на лиценците за одгледување канабис за медицински цели е донесена на денешната владина седница и за неа информираше министерот за здравство, Азир Алиу.

Досега се извршени контроли кај тринаесет правни субјекти. Помеѓу шесте фирми на кои им е одземена лиценцата се „Alphafarm“, „Green Life“, „CBD Medplant“, „Life Plant“, „Ata Farm“ и „Kanabinoids“. 

„Овие се тие шест компании. Недостатоци има од различни аспекти – од административна гледна точка, од инфраструктурна гледна точка, од технолошка гледна точка, од човечки капацитети. Во некои од нив, внатрешната инфраструктура за следење, камерите не работат. Во дел од нив нема човечки капацитети, а во дел нема обезбедување. Засилените вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно, вкупно ќе бидат опфатени 43 правни лица“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу. 

Министерот Алиу вели дека се откриени системски слабости при контролите на правните субјекти. Кога ќе завршат проверките, првиот човек во здравството најавува нова и поцврста законска регулатива, за во иднина да нема можност за манипулации и злоупотреби.

Претходно, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за шест лица поврзани со петте тони марихуана кои беа пронајдени во Коњух, а излегле од Македонија преку граничниот премин „Табановце“. Првоосомничен е ко-сопственикот на скопската фирма „Алфафарм“, кој заедно со други неидентификувани лица организирал набавка на марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од земјава до Србија со товарни возила, заради натамошна продажба.

Во јавноста останува отворено прашањето како марихуаната од Македонија влегла во Србија. Претседателот на Владата не ја исклучи можноста да имало асистенција од македонски службеници, а тоа дополнително ќе треба да го открие истрагата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

(видео)„Kако ќе се утврди вистината ако не се прикажат доказите“, прашаа родителите на денешниот 46. „Марш на ангелите“ во Кочани

Дејан Дејан

Израелскиот министер Кац со порака доТехеран: Доколку Иран се обиде да го нападне Израел ние ќе возвратиме со голема сила

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе