Четири месеци по локалните избори, ангажираните лица се уште го немаат добиено надоместокот за сработеното кои достигнува и до 350 евра. Во 29 општини градоначалниците или делумно или воопшто не им ги исплатиле парите на членовите во избирачките одбори кои си ја завршиле работата, соопштија од ДИК за Телма. Државната изборна комисија вчера до општините испратила уште еден допис со кој бараат да си ја завршат обврската.
До ДИК пристигнале и поплаки од овие граѓани, а неодамна реагираа и до нашата редакција.
Законската обврска ја исполниле скоро 2/3 од општините, додека пак 29 општини не исплатиле или тоа го направиле делумно, нецелосно.
Укажано е повеќе пати до општините, а денес им е пратен и нов допис во кој Државната изборна комисија, бара брзо постапување по обврските за исплата на надоместоците на изборните органи за Локалните избори 2025, одговорија за Телма од Државната изборна комисија
Зошто не им се пуштени парите и кога ќе ги добијат средствата прашавме и во ЗЕЛС. Од таму ни одговорија дека дел од општините се соочуваат со финансиски проблеми, а има и такви кои се со блокирани сметки. Од ЗЕЛС искоментираа и дека во иднина ваквата обврска треба да ја преземе Државната изборна комисија.
Дека состојбата со општините не е најдобра може да се види и од листата на должници на Министерството за финансии, каде со доспеани, а неподмирени обврски се речиси сите.
Инаку, ангажираните лица во избирачките одбори за време на избори го подготвуваат местото за гласање, ги идентификуваат гласачите и на крајот на изборниот ден ги бројат гласовите.
Износот на надоместокот кој го добиваат се движи од 12 до 22 илјади денари во зависност од големината на општината. Локаните избори беа лани. Првиот круг беше на 19 октомври, а вториот се одржа на 2 ноември.
Ирена Чачкова
Б.С.
