Струмица блесна со бои, маски и насмевки. Цела седмица градот живее во духот на традицијата и маските со едно од најзначајните културни случувања – Струмичкиот карневал. Традицијата стара со векови, која датира уште од паганските времиња, кулминираше синоќа, кога илјадници маскирани лица парадираа и се забавуваа низ централните улици во Струмица. Видовме маски со инспирација од фолклорот, но и модерни, футуристички креации, па и такви со општествени и политички пораки.
„Ние ја претставуваме Цветина свадба. Сакавме низ некои од најзначајните дела од македонската книжевност да ја претставиме македонската традиција. Ја имаме Цвета во невестинска облека, младоженецот, но и во жетварска облека, дел од турскиот аскер. Нашата маска зборува за победата на љубовта и го немаме тажниот крај, затоа не сме Македонска крвава свадба, туку Цветина свадба“, рече Снежана Недева, професорка по македонски јазик во СОУ „Јане Сандански“ Струмица.
Во карневалската еуфорија уживаат бројни посетители од земјава и странство, кои ја следеа не само карневалската поворка на улиците, туку и забавите што паралелно се одвиваа во кафулињата и рестораните. Карневалот не е само забава, тој е дел од културниот идентитет на градот. Во 1995 година, Струмица стана членка на FECC, со што карневалот доби и меѓународна афирмација. Денес, тој претставува мост меѓу традицијата и современоста, меѓу локалното и глобалното.
„Нашата маска е „Струмички тотеми“. Ги претставуваме древните божества, но се повикуваме и на современието, комплексна маска која сама зборува за себе“, рече Бранко Кочев од ООУ „Маршал Тито“ Струмица.
Покрај главната вечерна поворка, програмата денеска продолжува со детски карневал. Организаторите истакнаа дека годинава интересот е голем, а сместувачките капацитети се исполнети до последно место.
Карневалските настани продолжуваат утре со чист понеделник, кога се вари бел грав на градскиот плоштад.
Сузана Мицева
