Истражна постапка против 20-годишен жител на Мала Речица за кривична постапка за тероризам, нареди јавен обвинител од ОЈО ГОКК. Против осомничениот е определена мерка притвор во траење од 30 дена по предлог на јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје.
Осомничениот на крајот на јануари оваа година преку апликацијата „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје, автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје, соопшти обвинителството. Притоа додава дека инспирација за таквиот напад му бил настан од 14.12.2012 година во САД, кога 20 годишниот Адам Ланза со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца во училиште.
„По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.2.2026 година под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и асистенција на САЕ Тигар извршија претрес на дом и други простории во Мала Речица. При претресот кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум Iphone мобилни телефони и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, се наведува во соопштението на обвинителството.
С.Д.
