Собранието денеска ќе ја одржи 85. седница на која се очекува да бидат констатирани оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Марко Бислимовски и на членот на Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси Цвета Ристовска.
На седницата исто така се очекува да се најде и изборот на Гоце Наумовски, за нов уставен судија. По усвојувањето на точките од дневниот ред следат два часа за опозициски прашања до премиерот и министрите.
Оставката на Ристовска следува откако некои медиуми минатата недела објавија дека ДКСК отворила два предмети против неа, поврзани со непријавување на фирмите на нејзините деца во анкетниот лист и потенцијален судир на интереси.
По констатирањето на оставките треба да биде свикана седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која треба да распише огласи за избор на нов претседател на РКЕ и за нов член на Антикорупциска.
