Ревизорските извештаи во собранието треба да се разгледуваат активно, а не само да се констатираат, укажа шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје. Само така, вели, може да се дојде до промена и надминување на повторувачките слабости. Предлага и поефикасен систем за контрола дали институциите ги спроведуваат препораките.
„Да ги покануваат засегнатите институциии да дадат одговор и по одреден временски период повторно да се поканат за да се утвдри дали е постигнат напредок. Ова е едноставен, но моќен механизам да се обезбеди ревизорските извештаи со текот на времето повторно да бидат разгледувани. Ова помага и да се обезбеди дека препораките нема да останат само на хартија“, рече Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ.
Главниот државен ревизор рече дека граѓаните кои плаќаат даноци имаат право да бидат сигурни дека секој денар е искористен на најдобар можен начин, а одговорноста да им го обезбеди тоа ја има токму заводот. Но и нивниот труд треба да биде соодветно вреднуван, оттаму и очекува наскоро да биде донесен новиот Закон за државна ревизија.
„Верувам дека ќе се донесе законот со кој ќе се утврди оперативната и финансиска независност, ќе се вреднува трудот на вработените и ќе се потврди нивниот статус, но истовремено ќе се потврди и улогата на Државниот завод како врховна ревизорска институција во државата“, рече Максим Ацевски, Главен државен ревизор.
Пратениците и од власта и од опозицијата се задоволни од работата на заводот. Се предлага и нов механизам за разгледување на извештаите од страна на пратениците.
„Пристапот кон извештаите треба да биде објективен, непристрасен, со високо ниво на стручност. Ние ја имаме среќата што токму такви се извештаите на Државниот завод за ревизија“, рече Сања Лукаревска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет.
Претседателот на Комисија за економски прашања, Бојан Стојановски, пак, смета дека е потребен механизам со кој нема да се разгледуваат само годишните извештаи, туку и да се поделат на групи или теми кои ќе се разгледуваат поединечно.
Собранискиот претседател смета дека за да се зголеми ефикасноста е потребна подобра институционална соработка.
Далиборка Демјанска Цветановска
