Студентите во домот „Никола Карев“ во Охрид ја минале ноќта без струја и без греење, па морале да се движат со свеќи низ ходниците. Немаа храброст да дадат изјава за медиумите. Но, сликите и видеата кои ги споделија до профилот на „Студентарија“ го потврдуваат нивниот проблем. Во дописот до Телма тие раскажаа дека е многу тешко во сред зима да останеш без греење.
„Вчера во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид во 10 часот снема струја и ние студентите не бевме известени од никој, ни од директор, ни од вработените во студенскиот. Немаме греење, немаме топла вода, не можеме да седиме премногу е ладно. Исто така и храната што ни ја дадоа е ужасна“, реагираат студенти од студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид.
Од студентскиот дом, пак, преку Фејсбук објава вчера им се извиниле на студентите и пишале дека проблемот со електричната енергија ќе биде решен во текот на денот.
Министерката за образование Јаневска потврди дека ќе го решат проблемот. Но, посочи и дека директорите на домовите треба подобро да менаџираат со парите. Даде и конкретен предлог како домот би можел да обезбеди дополнителен буџет.
„Луѓето кои сакаат да менаџираат со студентските домови треба да сфатат дека тоа е сериозна и тешка работа. Треба да се работи многу одговорно и посветено. Може ли да замислите дом во Охрид, на брегот на езерото да биде во загуба. Тоа и не е логично. Во летниот период нема студенти, па собите може да се издаваат на млади туристи кои доаѓаат во Македонија“, порача министерка за образование и наука, Весна Јаневска.
Телма и претходно ги објавуваше студентските проблеми, кога глувци шетаа низ Пелагонија, а лифтовите во Гоце Делчев често се расипуваа.
Тамара Марковска
