Никако да се решат дисциплинските постапки за двајца виши јавни обвинители. И денеска немаше кворум за работа во советот на јавни обвинители кои требаше да одлучува. И додека обвинителот Цветановски се уште е под суспензија, Хајрулахи се откажа од функцијата и стана адвокат со своја канцеларија во зградата на трговскиот центар Соравија. Хајрулахи како адвокат со канцеларија во Соравија, Цветаноски од суспензија чекаат одлука за дициплинските постапки.
Нема кворум, само 5 членови се присутни на седницата. Кусо констатираше претседателот на Советот на јавни обвинители Башким Бесими. Тврди дека нема никаков проблем да се одлучува за дисциплинските постапки за двајца обвинители и вели дека празниците ја успориле работата на Советот.
Пред една година Дисциплинската комисија во Обвинителството поведе постапка за тогашниот шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје Мустафа Хајрулахи и вишиот обвинител Јован Цветановски. Подоцна и на двајцата им беше поднесено обвинение за злоупотреба при распределба на предмети.
Тие ги отфрлија обвинувањата и тврдеа дека е конструкција на тогашниот обвинител Коцевски, а целта е блокирање на предметот со бонусите на СЈО. Мустафа Хајрулахи, е обвинет и дека се заканувал и вршел психичко насилство врз пет жени вработени во обвинителството. И додека Цветановски се уште е под суспензија, Хајрулахи се откажа од функцијата и стана адвокат.
На први јануари годинава ја регистрирал адвокатската канцеларија првично на качанички пат, а пред една недела ја сменил адресата и се префрли во зградата на Соравија на 11-ти кат. Кулата Валхала како што е новото име на бизнис центарот и покрај тоа што е во стечај е дом на повеќе фирми, но стечајниот управник Тони Петров не знаеше дека токму поранешниот обвинител, а сега адвокат е со канцеларија таму.
Инаку Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети во јануари лани за емисијата КОД тврдеше дека тој оперира и го раководи центарот. Хајрулахи не сакаше да коментира ништо ниту за дициплинската постапка, ниту за тоа како баш Соравија ја избра за да се смести како адвокат. Кусо вели дека се е средено.
Билјана Николовска
Дигитална обработка: T.Д.
