Треба да бидеме подготвени на сѐ во врска со одлуката на УНЕСКО дали ќе го задржи Охридскиот регион на листата на заштитено или ќе оди на таа за светско наследство во опасност. Ова денеска го кажа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, одговарајќи на новинарско прашање, дали Македонија во извештајот до УНЕСКО, што требаше да го испрати до 1 февруари, ги внела забелешките од последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој се констатирани состојби, спротивни на очекувањата и поставените задачи од Реактивната мисија на УНЕСКО.
Според министерот, во извештајот што е доставен навреме биле вклучени податоци од сите релевантни институции во Македонија и од албанската страна. Формиран бил Кризен штаб кој дал мислење. Став изнела и Националната комисија на УНЕСКО, а извештајот поминал и на влада. Одговорот од УНЕСКО, според Љутков, ќе дојде во јуни на претстојната сесија на Комитетот за светско наследство.
„Мораме да земеме во обзир дека лани нѝ беше последната опомена. И ова што нѝ дадоа рок од 7 месеци да завршиме некои постапки е јасен сигнал дека тие подготвуваат, а и се подготвуваа претходно да влеземе на листата во опасност. Сѐ може да се очекува и треба да бидеме подготвени на сѐ. Но, наша задача е да не биде така и да направиме уште еден притисок, за да нѝ се даде дополнително време“, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
За изборот на изведувач за реконструкција на Универзална сала од вториот спроведен тендер, откако првиот пропадна, министерот кажа дека комисијата работи и очекува одлука наскоро.
„Комисијата веќе работи, веќе се во завршна фаза и во понеделник ќе треба да се донесе одлуката за избор“, кажа министерот Љутков.
А на прашањето на Телма, дали во март ќе се примени упатството за пресметка на платите во институциите од културата, откако лани за истото преку СКРМ беа упатени 800 тужби и веќе се добиени 20 судски пресуди во корист на тужителите од кои две се со вештачење по барање на министерството, министерот кажа дека стои на ставот дека упатството е добро и дека првата добиена пресуда во Битола што била обжалена, Апелација ја укинала.
Сотир Трајков
