Повеќе нема да молиме и да бараме туку ќе се бориме. Од денес работниците зборуваат, а Владата пратеници и работодавачите ќе слушаат. Ова се само дел од пораките кои денес беа испратени од протестот организиран од Сојузот на синдикати на Македонија откако пропаднаа сите обиди за договор за повисока минимална плата, од законски предвидени 1.600 денари од март.
На пратениците им порачаа дека работниците се тие кои ги избрале и дека пратениците се тие кои треба да работат за нив а не за сопствен луксуз. Лути бидејќи пратениците не сакаат да ги поддржат законските измени за повисок минималец ги потсетија дека лесно може да ги изгубат фотелјите.
Следната станица на протестот беше Стопанската комора и работодавачите кои ги лоцираа како клучните виновници за стотици илјади иселени од Македонија. Ги повикаа да ги исполнат барањата за зголемување на минималецот и платите за да може работниците да имаат достоинствен живот и најавија генерален штрајк во приватниот сектор.
Пред Владата работниците испратија симболична порака вртејќи го грбот. Порачаа дека ги собрала маката а не политиката и побараа Владата и политичките партии да се држат настрана од синдикатите.
Од ССМ порачаа дека ова е само почеток на протестите кои ќе продолжат и со блокади и генерален штрајк доколку нема договор со работодавачите и Владата. Најавија и собирање на 10 илјади потписи за законски измени со кои ќе се укинат 78-те отсто зголемување на функционерските плати и минималец од 600 евра. Од први јануари Македонија има најниска минималната плата од сите држави во регионот.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: T.Д.
