Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието да не ја избере кандидатката Џихан Ахмед, предложена за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бидејќи не ги исполнува законските услови.
Оценуваат и дека е разочарувачко и загрижувачко нејзиното непознавање на основни поими и меѓународни документи, меѓу кои и на Истанбулската конвенција, што се гледа од одговорот на прашање од претставник на мрежата за време на јавното претставување.
- На кој темел од Истанбулската конвенција би работеле за време на вашиот мандат и со кое тело од Обединетите нации би воспоставиле постојана комуникација или соработка за третирање на дискриминаторски практики во образованието?, праша Атанас Аврамов од „Мрежа за заштита од дискриминација.
- Со Истанбулската конвенција би работела, на пример откога е усвоен Истанбул. Значи, тие промени како што биле на почетокот, сега многу работи се сменија. Порано било, за време на Ататурк, мислам, имало забрана, еве, да одат забулени или секој има право да оди на работа или на училиште како што сака, не да се дискриминираат тие жени, еве што носат марама или по етничка припадност, од друга раса. Ако се гледа од тие години, сега имаат пошироко поле, како да ви објаснам, повеќе слобода и секој може да се изрази, така да, јас ова вака би го продолжила, како што е сега моментално во Истанбул, беше одговорот на Џихан Ахмед, кандидатка за член на Комисија за спречување на дискриминација.
Од мрежата апелираат, Собранието да ја сфати сериозно својата улога во Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права и да го гарантира напредокот на земјата во полето на недискриминацијата, почнувајќи од изборот на компетентни лица во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
- „Разочарувачки е фактот што кандидатката не знае основни работи за Истанбулската конвенција, која е стратешки документ за заштита од родово-базирано насилство и нееднаквост на жените, а треба да одлучува за овие прашања. Застрашувачки е и фактот што лице со магистратура по Меѓународно право не ги познава релевантните меѓународни документи кои се суштински дел од работата на Комисијата“, реагираа од „Мрежа за заштита од дискриминација„
Од биографијата на Ахмед се гледа и дека кандидатката нема ниту една година работно искуство во областа на човековите права иако во огласот стои дека е потребно седум годишно работно искуство во оваа област.
За членови на комисијата беа пријавени 14 кандидати, а Комисијата за избори и именувања ги предложи Џихан Ахмед, Наташа Амдију и Лимко Бејзароски. Нивниот избор ќе биде на утрешната собраниска седница.
Далиборка Демјанска
Б.С.
