Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ предупредува дека системот „Сејф сити“ сам по себе нема да донесе трајно намалување на бројот на жртви во сообраќајот без паралелна примена на поширок сет мерки.
Реакцијата доаѓа по усвојувањето на Законот за безбедност во сообраќајот, со кој се овозможува целосна имплементација на системот до средината на 2026 година.
Од иницијативата велат дека контролата и казните не се доволни и бараат пристап според концептот „Визија нула“, кој вклучува ограничување на брзината, физичка регулација на сообраќајот, подобра пешачка и велосипедска инфраструктура, заштита на тротоарите и континуирана едукација на граѓаните.
Предупредувањата доаѓаат во време кога почетокот на 2026 година е обележан со серија тешки сообраќајни незгоди, најчесто со пешаци.
И покрај најавите за намалување на вкупниот број незгоди, од „Кој е следен“ велат дека без системски и координиран пристап, технолошките решенија нема да бидат доволни за да спасат животи.
