Апелационата судијка Наташа Савовска Димитровска очекува Судски совет да одлучува законито, без влијание од центрите на моќ, при повторената дисциплинска постапка, откако жалбениот совет при Врховен го укина нејзиното разрешување. Судски совет ги разреши неа и уште една нејзина колешка, а третата доби парична казна за предметот со милионски судски спор за надомест на штета, кој „Македонски Телеком“ го загуби. По одлуката на жалбениот совет кој ги укина решенијата, Судски повторно треба да одлучува.
Димитровска, повикувајки се на одлуката на Врховен, посочува дека Судски совет направил три сериозни повреди – судир на интерес, излегол од законските надлежности и не извршил анализа на доказите. Таа истакнува дека членката на Судски, Тања Чачарова Илиевска која ја иницирала постапката за нејзино разрешување имала судир на интерес, затоа што била претседавач на собранието на акционери на „Македонски Телеком“.
Според адвокатот на судијката, ниту постоел двоен фалсификуван записник за овој предмет, ниту Димитровска вршела притисок врз друга судијка во предметот.
Чачарова Илиевска негира дека имала судир на интереси. Вели била владин повереник и мандатот и завршил три и пол години пред да прави контрола во овој судски предмет како членка на советот. Потврдува дека била претседатавач на акционерско собрание на компанијата, но вели тоа било техничка работа и немала овластувања.
„Јас немав лични интерес во врска со фирмата „Македонски Телеком“. Никогаш не сум била во органите на управата, ниту сум акционер. Со овластување од владата присуствував на акционерски собранија како владин повереник и ги штитев интересите на државата која е еден од акционерите“, вели Илиевска.
Од „Македонски Телеком“ велат ги преземале сите правни средства кои стојат на располагање според законската регулатива.
„Компанијата уште во август 2024 година се обрати до Судскиот совет поради нерегуларности во водењето на жалбениот предмет пред Апелациониот суд Скопје со сопствено барање за утврдување на одговорност за начинот на кој е донесена предметната пресуда. Голем број на докази и аргументи се веќе доставени до надлежните институции за кои веруваме дека ќе донесат праведна одлука заснована на докази“, инфирмираат од „Македонски Телеком“.
Судијката Димитовска вели дека пресудата била базирана на веќе донесени одлуки на надлежни институции и управните судови, а Апелација одлучувала само за надоместот на штета.
Елена Ивановска Мукоска
