Како уметник 30 години беспрекорно ја извршувам работната задача, но последниве неколку години сме изложени на тортура, а се тоа кулминираше со забрана за мој влез во Македонската опера и балет и казна 50% од плата во наредните 6 месеци, реагира првата обoистка Петрушевска во оркестарот на МОБ. Таа го обвини директорот Оливер Арсовски за противзаконско постапување. Зад Петрушевска застанаа Синдикатот за култура, Хелисиншкиот комитет и побараа од министерот Љутков да ги заштити културните работници.
Закани во континуитет, со користење на највулгарни пцости кон мене и дел од моите колеги, насилнички однос и потреба од докажување надмоќ. Вака првата обоа на Македонската опера и балет Татјана Петрушевска реагира за нејзината суспензија од работа, за која и Синдикатот на културата се произнесе дека е противзаконска.
- Сакам да нагласам дека со мене од првиот момент, кога кулминираше притисокот, станаа да ме заштитат првите инструменталисти во оркестарот и побараа да се смири тензијата со диригентот Амбарцумјан кој инструиран од директорот продолжи со заканите. Ден потоа кажал на состанок дека додека е жив нема да престане да ме гони мене. Мене, жена, обоист, уметник… Закани добиваа и моите колеги кои застанаа во моја одбрана. Закани имаме до ден денес, користејќи и највулгарни пцости во обраќањето кон нас секојдневно– Татијана Петрушевска, прва обоа во оркестарот на НОБ.
Таа побара од министерот за култура да се преземат итни мерки да ја заштити и како жена и како уметник, но и сите нејзини колеги и колешки кои како што вели се изложени на секојдневен мобинг. За Арсовски ваквите наводи се неосновани и треба да се знае дека Македонската опера и балет мора да функционира со јасна хиерархија, поделба на одговорностите и почитување на работната етика и дисциплина.
- Во врска со наводите на Петрушевска дека не се водени постапки против неа ќе наведам дека тоа не точно, односно во повеќе наврати вработени од оркестарот барале заштита од нејзиното однесување– Оливер Арсовски, директор на Национална опера и балет.
Целата постапка против Петрушевска е тукушто започната, вели Арсовски и никој во моментов не е казнет тоа ќе одлучи дисциплинската комисија која ќе го разгледува случајот од понеделник.
- И таа комисија што ќе одлучи јас тоа ќе го поддржам и ќе го потпишам. Не можам да одам против тоа бидејќи тоа е законска норма– Оливер Арсовски, директор на Национална опера и балет.
Во меѓувреме со став излезе и оркестарот на МОБ во однос на објавата на СКРМ за овој случај нагласувајќи дека не биле консултирани сите членови на синдикатот на оркестарот за оваа објава на социјалните мрежи пред воопшто да почне правната постапка, но дека даваат поддршка за нејзино конечно завршување.
Нина Стефанова
Б.С.
