Вести Македонија Топ вести

Амбасадорката Агелер со проштално писмо до граѓаните: Секогаш ќе навивам за вас

По три години мандат во земјава, американската амбасадорка Анџела П. Агелер се простува од  Македонија со отворено писмо упатено до граѓаните, во кое упатува порака на благодарност, надеж и силна поддршка за иднината на државата.

Во писмото, насловено „Отворено писмо до народот на Северна Македонија“, Агелер потсетува на нејзиното пристигнување во Скопје како десетта амбасадорка на САД и ја истакнува длабоката почит што ја чувствува кон земјата и нејзините граѓани.

„Кога стапив на оваа улога, реков дека имам огромна вера во силата и храброста на народот на Северна Македонија. Оттогаш, таа вера е оправдана, обновена и зајакната одново и одново“, наведува Агелер.

Таа се осврнува и на конкретните резултати од американско-македонското партнерство во изминатите години, вклучително и придонесот во НАТО, напредокот во инфраструктурните проекти, поддршката на судските реформи, борбата против корупцијата, како и соработката во енергетиката, образованието, технологијата и културата.

Амбасадорката истакнува дека 2025 година е особено значајна, бидејќи се одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу САД и Македонија, партнерство кое, како што наведува, со децении се гради врз сила, компромис и трпелива решителност.

Агелер во писмото се заблагодари за приемот што го добила од граѓаните низ целата земја – во училиштата, судниците, црквите, домовите и заедниците – нагласувајќи дека тие средби го обликувале нејзиното искуство и ја зацврстиле врската меѓу двете држави.

„Постои нешто магично во врска со оваа земја – нејзината неверојатна убавина, историја и отпорноста на нејзиниот народ“, пишува таа, додавајќи дека ја напушта Северна Македонија со чувство на огромна благодарност.

На крајот од писмото, Агелер посочи дека  поддршката од Соединетите Американски Држави ќе продолжи и во иднина.

„Ова е вашата земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонувате дека може да биде… Бидете здрави, бидете храбри, бидете силни и јас ќе навивам за вас на секој чекор“, порача  Агелер во своето проштално обраќање.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сончево и топло со мала до умерена облачност – Временска прогноза за 30.6.2026

meteo

Голем пожар се шири на хрватскиот остров Вис

Дејан Дејан

Блокиран e главниот приод кон аеродрoмот поради сообраќајна несреќа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе