Дигитално боледување, породилно и рефундација на лекови, ова се дел од услугите кои отсега граѓаните ќе може да ги добијат електронски. Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски вели дека е формирана работна група од претставници од Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство, Министерството за финансии и УЈП кои ќе ги разменат податоците и со тоа ќе имаат поголем увид, со кој ќе се спречи проблемот со лажните боледувања. Според податоците од почетокот на 2025 година, па се до декември исплатиле над 90 милиони евра за боледувања подолги од 30 дена.
„Еве наједноставен пример, замислете дека имаме 24 милиони рецепти, нив нема шанси хартиено да ги исконтролираме. Значи дигитализацијата ќе овозможи многу позадински функции и ефикасност во сите полиња, како за граѓаните, така и за институциите“, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Фондот посочува и дека директорите кои незаконски си ги зголемиле платите, парите не ги вратиле назад во здравствената каса до крајот на годината. Тие велат им даваат уште една шанса да го регулираат ова, во спротивно ќе се соочат со казни.
„Заклучно со 31 декември, ниту една јавна здравствена установа нема поврат на прекумерните надоместоци на плати. На повторните контроли ќе следуваат казни“, додава Клековски.
Истовремено со најавите на казни за незаконско зголемување на платите, кое Клековски го обелодени кон крајот на минатата година, директорот на Фондот вети и зголемување на платите во здравството.
Тамара Марковска
