Вести Македонија

Нови напади врз уставната судијка Кацарска – Мицкоски тврди дека црвенееме во Стразбур поради судски одлуки

Продолжуваат нападите врз уставната судијка Добрила Кацарска и Уставниот суд, затоа што одлучи да ја испитува уставноста на линеарното покачување на пензиите. Денеска премиерот како нов аргумент во дебатата ја искористи постапката која Европскиот суд за човекови права ја отвори за екс министерката Гордана Јанкулоска за процес кој го водеше Кацарска. Уставната судијка Кацарска без коментар и размислува за јавно обраќање, додека Уставниот суд повтори дека недозволиви се политички напади врз судот кој го штити Уставот.

Потребни се суштински реформи во судската власт, а не зголемување на плати, повтори првиот човек на извршната власт. По отпочнатите реформски проекти кои предвидуваат и поголема финансиска независност на правосудството и поголема отчетност и одговорност за работењето, претседателот на владата ја искористи отворената постапка во судот за Стразбур за екс министерката Јанкуловска во контекст да го каже својот став за судството.

„Видете кој го водеше овој случај „Тенк” и видете каде се наоѓа тој судија денес. И не престанува тој судија денес ги атакува пензионерите за линеарното зголемување на пензиите, сака тоа право да им го одземе, а од друга страна бараат двојно, тројно поголеми пати. А гледате какви пресуди политички октроирани носат. За жал. За жал мораме да се срамиме и црвенееме пред Стразбур, поради ваквите малкумина судии кои за жал го контаминираат нашето судство и малкумина обвинители кои, за жал, го контаминираат нашето обвинителство“, изјави претседателот на владата, Христијан Мицкоски.

Уставната судијка не ја спомна по име, но претставници на партијата на премиерот, веќе неколку дена ја напаѓаат судијката Добрила Кацарска, откако Уставниот суд отвори постапка за оценување на уставноста на линеарното зголемување на пензиите. Кога денеска ја контактиравме само рече дека е на работа во Уставниот суд и кратко ни кажа дека „сè уште размислува за обраќање во јавноста“.

Уставниот суд и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на наши прашања ни одговорија дека не смее и недозволиво е да има политички напади врз било кој судија и остануваат на реакцијата од петокот.

Одлуката за пензиите е донесена во согласност од деловникот со мнозинство гласови на судиите по 17 претставки за линеарното зголемување на пензиите. Судијката Кацарска била известител во тој предмет.

„Свесното пласирање манипулации претставува притисок врз судијата-известител и врз целата институција и опасен преседан е во случај кога некоја одлука не им одговара на политичките субјекти се прогласува за „партиска“. Јавното напаѓање на судии со шпекулативните говори, претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот. Прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание или вмешување во работата на Судот“, соопшти Уставниот суд на 21.11.2025.

Владеачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ ги донесе измените на законот за пензии, но Уставниот суд ќе ја утврдува уставноста на одредбата дека сите пензионери добиваат исто зголемување без разлика на стаж, висина на пензија и придонесите кои се плаќани. ВМРО-ДПМНЕ уште при изборот на Кацарска за уставен судија критикуваше и обвини дека е награда за тоа што како кривичен судија осудила поранешни министри од партијата.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наследникот на балансерот пред пратениците – Почна дебатата за Закон за соодветна и правична застапеност

Дејан Дејан

ЕСЧП: Оправдано поништените помилувањата на Иванов- биле без валидна законска основа

Дејан Дејан

Реформската агенда во фокус: Власта уверува дека има напредок, опозицијата алармира за застој и изолација

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе