Околу 700-тини вработени во Радио Телевизија Косово, стапија денеска во генерален штрајк откако не добиле плата за својата работа повеќе од два месеци.
Денешното издание на вестите започна во тишина, додека членовите на новинарскиот синдикат држеа плакати со пораки зад водителката – „штрајкот е нашиот глас“ и „без плата – нема работа“.
Буџетот на јавниот сервис на Косово го усвојува законодавниот дом и треба да биде изгласан од пратениците, но соседната република е во повеќемесечна политичка криза, откако досега владејачката партија „Самоопределување“ на изборите во февруари освои 48 мандати, 10 помалку од претходните избори, и не може лесно да формира потребно мнозинство од 61 гласови за формирање влада, заради несогласувањата со опозиционите партии.
Штрајкот се очекува да продолжи во наредните денови.
„Денеска повторно сме тука, како што објавивме, како синдикат на работниците – донесовме одлука дека нашиот штрајк официјално започна денеска. Ги известивме сите институции, во согласност со законот на штрајковите. Од денеска, започнавме со двочасовен штрајк. Претходно, влеговме во студиото за вести, влеговме на нашите работни места, каде што доаѓаме секој ден, за да го изразиме незадоволството. Сега сме веќе во вториот месец без никакви знаци од било кого. Игнорирањето на нашите барања од власта не доведе до овој чекор“ – изјави Герим Бимбаши, синдикален лидер во Радио Телевизија Косово.
Н.И
