Западен Балкан припаѓа на Европската унија, но сè уште има многу работа пред земјите од регионот. Еврокомесарката за проширување Марта Кос ова го порача на самитот на Планот за раст, кој се одржува во Тирана.
Од пакетот европски пари кој тежи шест милијарди евра за Западен Балкан, само 400 милиони евра се „одработени“.
Документот не е само лист хартија полн со амбиции, туку патоказ кој го мери спроведувањето на реформите, ги стимулира инвестициите и ги насочува земјите кон рамноправно членство во Европската унија.
„Две од шест балкански земји сѐ уште не започнале да ги спроведуваат реформите и не започнале со имплементацијата на Планот за раст. Двете со најдобри постигнувања имаат реализирано околу 55% од договорените реформи. Јас гледам јасна поврзаност меѓу напредокот во процесот на пристапување и спроведувањето на реформите. Нашата амбиција е сите вие да напредувате синхронизирано и не сакаме ниту една од вас да заостанува. Бидејќи, на крајот, целиот Западен Балкан припаѓа во ЕУ, како рамноправни членки со целосни права, со целосно усогласување со законите и вредностите на ЕУ“, порача Марта Кос, комесарка за проширување на ЕУ.
Помеѓу лидерите од Западен Балкан, присутен е и премиерот Христијан Мицкоски. За македонскиот евроинтегративен пат, тој вели дека исклучоците станале правило и ја осуди таа пракса. Во делот на спроведувањето на реформите предвидени со Планот за раст, Мицкоски тврди дека до Нова година ќе се забрза темпото.
До декември минатата година, Македонија има исполнето само два од пет реформски чекори. Со тоа, повлечени се 8 милиони евра, од можните 17 милиони. До јуни годинава исполнети се четири од вкупно шеснаесет реформски чекори, односно „сработени“ се 16 милиони евра, со што Македонија стигнува до вкупно 24 милиони евра.
„Не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми и билатералните спорови се тие коишто одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки на ЕУ. Суштината којашто јас ја гледам е испораката. Повеќе сум концентриран на чекорите коишто се дел од развојната агенда, оние чекори коишто останаа во грејс-период поради паузата за локалните избори. До крајот на годината очекувам најмалку осум, а можеби и 10 од 12 да бидат испорачани“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, додава дека Планот за раст е вистинскиот доказ за сериозноста на земјите од регионот – „Западниот Балкан во ЕУ се интегрира за да придонесе, а не како гостин“.
„Ние не молиме да влеземе во ЕУ. Секој ден докажуваме дека сме сѐ поподготвени. Не зборуваме само напразно, туку испорачуваме резултати. И дозволете ми да кажам, испорачуваме сѐ поодлучно. Со интеграцијата на Западен Балкан, Европа станува посилна. Ако Западен Балкан стагнира, Европа станува послаба. Ние не чекориме кон Европа со празни раце, а уште помалку како просјаци. Чекориме со постигнати резултати, со спроведени реформи, со обезбедени инвестиции и со завршени обврски на секој чекор“, истакна албанскиот премиер Еди Рама.
Еврокомесарката Марта Кос во своето обраќање денеска порача дека земјите од регионот веќе ги чувствуваат првите придобивки од европските интеграции, нагласувајќи ги пониските трансакциски трошоци преку СЕПА.
На самитот во Тирана, свои излагања имаа и премиерите на Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, кои ја потврдија заедничката посветеност кон европскиот пат на регионот.
Петар Догов
