Коалицијата „Менуваме“ бара во буџетот за 2026 година да бидат вклучени 196 милиони евра, средства кои на лицата со попреченост им беа скратени годинава. Во соопштение до јавноста велат дека Министерството за социјална политика тие пари не ги вметнало во Предлог- буџетот за идната година, без оправдување, методологија, анализа или измени на подзаконските акти. Ги повикуваат пратениците во Собранието, особено, како што велат, оние кои поднесуваат амандмани на Предлог- буџетот, да пристапат кон процесот професионално, транспарентно и со емпатија кон лицата со попреченост.
„Доколку се усвои ова намалување, неизбежно ќе доведе до ослабена социјална заштита, намален пристап до основните услуги, подлабока сиромаштија, исклучување од општествените текови и влошување на здравствените резултати на лицата со попреченост“, велат од Коалицијата „Менуваме“ во дописот до јавноста.
Од Коалицијата минатата седмица излегоа со извештај во кој што е пресметано дека месечните трошоци на едно петчлено семејство со лица со попреченост се повисоки за 60 % во однос на четиричлено семејство со лица со типичен развој. Трошоците се зголемуваат поради дополнителни потреби како што се медицински помагала, лекови и терапија, специјализиран превоз и постојана асистенција од лица што се грижат за нив.
Коалицијата ги повикува членовите на Комисијата за финансирање и буџет да го признаат пропустот во Предлог- буџетот на Министерството за социјална политика и да ги поддржат амандманите со кои се поддржани правдата, еднаквоста и солидарноста.
Телма праша во Министерството за социјална политика, зошто годинава беа скратени 196 милиони евра по основ на попреченост и дали тоа ќе се повтори во 2026 година? – Прашавме и во Собранието, дали барањето на Коалицијата „Менуваме“ стигнало и доставено е до Комисијата за финансирање и буџет, но, одговори засега нема.
Сотир Трајков
