Вести Македонија Најважни

Судиите со порака до премиерот – „ги преминавте границите“, Мицкоски им возврати – „ќе проверуваме како го трошите секој денар“

Судството и извршната власт во конфликт околу финансиската независност. Судиите за првпат со директна порака до претседател на Владата – „судскиот систем никогаш не генерирал долгови, а државниот долг од две милијарди евра е последица на постојаното задолжување на власта“.

Ова преку соопштение го вели судската власт, како реакција на вчерашната изјава на премиерот, дека законите од реформската агенда носат една главна реформа – зголемување на платите на судиите, обвинителите, судските и обвинителските службеници.

„Последниот извештај на Европската комисија, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојаното мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност“, се вели во дописот од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии. 

Последниот одговор до Мицкоски стигна од комисиската говорница каде што се зборува за идниот буџет и од каде што државниот обвинител Љупчо Коцевски праша – „повторно ли ќе нѝ дадете половина?!“.

„Нѝ ги намалиле трошоците за истраги, за вештачења и за работа“ – порача шефот на обвинителството.

„Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на обвинителството. Сакам да е јасно за целата јавност дека тука не станува збор за средства за некакво покачување на плати, ниту на јавните обвинители, ниту на јавнообвинителските службеници. Во Предлог-буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци кои законски им следуваат на вработените“, кажа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. 

Мицкоски вчера кажа дека и тој би ја донирал својата плата, но барем судиите да судат согласно закон, а рече и дека моралот не му дозволува да се согласи на зголемување на плати за лица кои немаат никаков рејтинг.

Денеска, претседателот на Владата со поинакви тонови – ќе ги донесеме законите, но ќе бараме отчет за секој денар. Вели дека вчера имал подолг состанок со министерот за надворешни работи Муцунски и Муртезани од Европски прашања, ги анализирале законите кои требаше да се завршат до јуни.

„Еве јавно кажувам, ќе го добијат тоа откако ќе ја направиме деталната анализа – како е тоа во современите земји. Сами нека вработуваат, сами нека унапредуваат, сами нека се грижат за сите оперативни трошоци, сами нека си даваат плата во рамките на Буџетот. Само една работа ќе бараме – одговорност! Да видиме тогаш што ќе пречи. И очекувам исто така да излезат од Брисел и да кажат браво и да нѝ кажат дека сме одлични, петка дека сме добиле“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата. 

Експертите, но и невладините повеќепати објаснуваа дека една од клучните придобивки на законите од реформската агенда е финансиската независност на правосудството за кое и во актуелните закони има пропишано загарантиран процент на средства, кои не ги добило ниту една година.

Целта е судството и обвинителството да не зависат од извршната власт ниту за инвестиции, ниту за вработување на службеници – за што сега се жалат дека не добиваат согласности од Министерството за финансии.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Земјотрес со јачина од 7,2 степени го погоди северниот дел на Јапонија

Sasko Dimovski

ЕУ го одобри трговскиот договор со САД за царините

Sasko Dimovski

Има 112 далекуводи, за 59 нема имотни листови, трафостаници во заедничка сопственост со ЕВН – ревизорски извештај за МЕПСО

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе