Вести Македонија Топ вести

Семејствата на жртвите во „Пулс“ на тричасовна средба со државниот обвинител Коцевски

Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски и 10-тина обвинители, кои се дел од тимот за судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, денеска во Кочани имаа средба со семејствата на загинатите. Родителите на средбата добиле информации како ќе тече судскиот процес, бидејќи некои од нив и првпат влегуваат во судница. Им било посочено дека во судницата нема доволно простор за да присуствуваат сите родители, а оние и кои ќе се појават како сведоци и не можат да присуствуваат на самиот старт на судењето на 19 ноември и се до денот кога ќе го дадат исказот пред судијата. Родителите велат дека на средбата присуствувал и директорот на Судска медицина.

„Од страна на директорот на Судска медицина нѝ беше кажано дека доколку сме спремни и сакаме да разговараме со него и со лекарите кои ја имаат вршено обдукцијата на нашите деца, може да одиме во Скопје. Ги имаме обдукциските извештаи, но кај дел од родителите се појавуваат некои прашања, дилеми за причината за смртта на нашите деца“, велат родителите кои присуствуваа на денешната средба. 

Средбата која траела три часа се одвива една недела пред да почне најобемниот и најголемиот судски процес, закажан на 19 ноември во судницата во скопскиот затвор „Идризово“. Две недели со семејствата на загинатите кои ќе присуствуваат на судењето работат и психолози, со цел полесно да се справат со емоционалниот стрес, притисок, додека трае судењето и сведочат обвинетите.

За трагедијата во „Пулс“ во која згаснаа 63 животи, а околу 200 беа повредени има 34 обвинети и три правни лица. Обвинителството веќе ја подготвило стратегијата со која во судница ќе го застапуваат обвинението. Обвинителскиот тим е проширен на 15 обвинители.

Семејствата на загинатите од Кочани се организираат и за 30-тиот „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи оваа сабота во Скопје. Тие на 15 ноември маршираат за вистината и како што велат од граѓаните не бараат сожалување, туку бараат да дојдат на Маршот во Скопје и заедно да чекорат со нив за Ангелите.

Денеска преку герила акција од иницијативата „Кој е следен?“ со симболична герила-акција испратија и дополнителна порака. Маршот закажан за сабота, ќе почне во 12:05 часот симболично, со зборно место на плоштадот „Македонија“, а потоа ќе продолжи кон Собранието и ќе заврши пред Основниот кривичен суд во Скопје.

Викторија Јованова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Власта со закани за затвор, опозицијата со психолошки дијагнози – собраниска седница за пратенички прашања

Sasko Dimovski

(Видео) Клековски: Лани потрошени околу 178 милиони евра за лекови на рецепт

Sasko Dimovski

Земјотрес со јачина од 7,2 степени го погоди северниот дел на Јапонија

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе