Вести Свет

(Фотогалерија) Глечерите се топат со двојна брзина од претходно поради зголемување на глобалната температура

Глечерите играат клучна улога во одржувањето на глобалната температура и биодиверзитетот на морињата, но годинава беше утврдено дека тие се топат со брзина двојно поголема од пред само неколку години. Нивното повлекување не само што ослободува огромни количина слатка вода во морињата, што има сериозни деструктивни последици по нивната флора и фауна, туку и на копно, каде лизгањето на земјиштето неповратно го менува екосистемот. Таков беше случајот со швајцарското село Блатен, кое пролетва беше речиси целосно затрупано, а во негова непосредна близина поради лизгањето на земјиштето и топењето на мразот се создаде езеро.

Создадени пред милиони години, глечерите се сметаат за најстари феномени на планетата Земја. Тие се формирани од огромни маси наталожен снег. Започнувајќи од Леденото доба, па досега, евидентирани се над 200 илјади глечери ширум светот. Најзастапени се на Антарктикот, Гренланд како и на Алпите и Хималаите.

Швајцарија, се смета за срцето на европските глечери. Дури 60 отсто од сите глечери се наоѓаат на Алпите. Со текот на годините, климатските промени допринесоа нивниот број значително да се намали.

Во прегратките на овој планински венец се наоѓа швајцарско село Блатен. Во минатото селото броело околу 300 жители, а денес скоро сите се иселени. Причината за миграција е поради урнување на околен глечер, кој ги унишити 90 отсто од објектите, и го остави селото под вода.

Хотелиерот Лукас е еден од сведоците на оваа природна непогода. Глечерот кој се урна, му го срамни хотелот со тридецениски корени. Но и покрај тоа, заедно со другите сопственици на хотели, се надева дека селото ќе оживее пак.

„Не сум научник, па не можам со сигурност да кажам каква точно врска имаат климатските промени со овие настани. Но, ние живееме тука во оваа долина, и можеме да видиме дека нешто се случува. Глечерите се повлекуваат и има промена“, вели Манфред Ебенер, градежен координатор во Блатен.

Жителите копнеат селото да опстане.  По катастрофата, многумина велат дека е можно да се вратат дома. Едно од нив е семејството Калберматен. Тоа заедно со другите жители планира да изгради привремен хотел, со цел да го врати туризмот назад.

„Изгубив сè во мојот професионален живот. Готвач сум од мои 15 години, па не ни остана ништо. Овој проект ни дава надеж, а исто така сакаме да помогнеме во обновата на Блатен, или барем долината, бидејќи е осакатена во однос на туризмот. Значи, ете го, долината има потреба од нас, ни треба, ја сакаме, е прекрасна. Сакаме да останеме“, објаснува Лоран Иберт, угостител во селото Блатен.

Швајцарските глациолози се загрижени поради брзото темпо на топењето мраз, кое е се поинтензивно последниве години. Како главна причина ја сметаат зголемената глобална температура. Таа доведува до забрзано топење на мразот во текот на летото. Од друга страна пак, во зима не паѓа доволно снег за да ги надомести загубите.

„Она што го забележавме во текот на годините е дека глечерот забавува и ова е знак дека има помал внес на маса во глечерот од снежните врнежи“, смета истражувачот Давиде Фугаца.

Дури 70% од целата слатка вода на Земјата е складирана во глечерите и ледените покривки. Тие претставуваат најголемиот природен резервоар на свежа вода, која е од клучно значење за милијарди луѓе. Кога глечерите се топат, таа вода завршува во морињата и океаните, и со тоа се зголемува нивото на морето. А порастот на водена површина предизвикува поплави кои ги загрозуваат живеалиштата на луѓето и животните.

„Но, што може да се случи, како што напредува затоплувањето, ќе имате многу жешки лета, дури и таму горе. Многу жешко што значи над точката на топење на мразот, што значи дека водата може да се процедира во цврстиот снег – тоа е збиениот снег што е на врвот на тврдиот мраз – и затоа да ги контаминира климатските сигнали“, објаснува Томас Ф. Стокер, професорот на Универзитетот во Берн.

Според извештајот за климатски промени глечерите се топат со двојна брзина од претходно. Истражувачите велат дека светот изгубил повеќе од 7 трилиони тони мраз од почетокот на 2000 година па досега. Најбрзите топења се забележани на Алјаска, а помали во централна Европа.

Новите истажувања дополнително покажуваат дека дури и да се ограничат глобалните температури предвидени според Парискиот климатски договор, тоа нема да ги заштити крајбрежјата кои би можеле да бидат погодени.

Теа Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Има 112 далекуводи, за 59 нема имотни листови, трафостаници во заедничка сопственост со ЕВН – ревизорски извештај за МЕПСО

Sasko Dimovski

Нетанјаху: Во ниту еден момент не сум побарал дозвола од Трамп да го нападнам Иран

Sasko Dimovski

„Обвинителството мора да реагира за Јанушев, Законот предвидува и до 5 години затвор“, велат од СДСМ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе