Вести Економија Најважни

Не е крај на светот, преговараме со нови до Нова Година – премиерот Мицкоски за заминување на две странски инвестиции од Бунарџик

Не е крај на светот ако некој странски инвеститор замине, а владата вложува напори и успешна е во привлекување на нови инвестиции, вели премиерот Мицкоски за најавеното заминување на Аптив и Дура од Бунарџик, двете фабрики од автомобилската индустрија.

„Ќе има компании кои се отвораат, ќе има компании кои се затвараат. И домашни и странски. И тоа не треба да се сфаќа како нешто што претставува крај на светот. Ние како влада се обидуваме и успешни сме во тоа да привлечеме што е можно повеќе компании. Веќе имаме неколку што се во процес на завршување на преговори. Очекувам до крајот на годината, четири или пет такви компании веќе да потпишат договори со Владата“, одговори премиерот Христијан Мицкоски.

Потпретседателот на Стопанската Комора, Виктор Мизо вели дека има победници и губитници со лошата состојба во глобалната автомобилска индустрија.

„Тоа се интерни одлуки на тие компании, затоа не можам да коментирам кои се причините за нивно заминување. Од тоа што го имам прочитано, тие имаат некои планови за консолидација на своето портфолио на европскиот пазар. И како што кажав, европската индустрија е во стагнација, ќе имаме победници, но и компании кои нема да успеат да се снајдат во она што се случува на автомобилската индустрија“, изјави Виктор Мизо, кој е потпретседател на Стопанска Комора на Македонија и извршен директор на Костал-Македонија.

Телма веќе објави дека во рамки на стабилизација, „Аптив“ од Бунарџик го сели производството во Полска и во Португалија, додека фабриката „Дура“ до ТИРЗ пратила известување дека главниот купувач им ги откажал нарачките.

Премиерот Мицкоски вели дека до крајот на годината, четири до пет нови странски инвестиции би донеле 1.000 нови вработувања, а за догодина очекува нов инвестициски пакет од 30 милиони евра. Ова го најави при посетата на Костал во Охрид, фирма која со речникот на Мизо е меѓу оние кои добиваат во општата криза во автомобилската индустрија бидејќи најави нова инвестиција.

„По девет години, постојан раст, Костал во мометот ја отпочнува новата фаза на ширење. Нашите проекции се дека ќе имаме раст од 60% на приходите во однос на лани. Тоа ни дава можност да продолжиме со инвестиции во нашиот македонски погон“, рече Каи Кникман, извршен директор на Костал Аутомотив.

Неодамна од Советот за странски инвестиции предупредија дека проблемите во индустријата во Германија и глобалните случувања ќе се одразат и на странските инвеститори во Македонија.

Народната банка, пак, регистрираше дека во првите два квартала на 2025-та имало нешто над 200 милиони евра странски инвестиции што е помалку за речиси три пати од 560 милиони во истиот период лани.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Една шестина од населението во ЕУ се самци – извештај на Евростат

Sasko Dimovski

Доверба му изгласаа 58 пратеници, за смена се изјаснија 19 – Тошковски ја „преживеа“ и третата интерпелација во собранието

Sasko Dimovski

Дали Јанушев крие фирма во Бугарија – СДСМ бара истрага од Антикорупциска, од Владата велат се работи за инсинуации

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе