Народната банка со полоши прогнози за домашната економија од оние на Владата, но и од нивните претходни предвидувања. Иако од банката првично прогнозираа дека годинава ќе се заврши со инфлацијата од околу 3 отсто, ваквите надежи згаснаа. Па, сега се очекува да биде 3,9 проценти. Од друга страна, пак, владините пресметки се далеку пооптимистички. Нивните очекувања се дека до крајот на годинава ќе се спушти до 2,8 отсто.
„Во понатамошниот период ќе следи намалување и враќање на историскиот просек. Ќе биде под влијание на растот на цените на храната во услови на сè уште инертна базична инфлација. Каде што се исклучуваат храната и енергијата и одредено стабилизирање на цените на енергенсите. Додека во наредниот период проекциите се дека инфлацијата ќе се сведе на 2,5 отсто во 2026“, изјави гувернерот на НБРМ Трајко Славевски.
Од банката сметаат и дека минусот во државната каса ќе биде поголем. Измерија дефицит од над 4 отсто од БДП. Очекуваат 2025 година да се заокружи со економски раст од 3,5 проценти, додека владините прогнози се нешто над оваа бројка. Од НБРМ уверуваат дека генерално економијата ќе биде движена од домашната побарувачка. Банкарскиот сектор останува стабилен. Кредитирањето ќе расте, но потоа следи благ пад.
„Ние сепак се грижиме за финансиската стабилност на банките, секако и за задолженоста кај секторот население. Така што мислиме дека тие стапки на кредитен раст, особено над очекувањата, беа еден од факторите за притисоци нагорни за стапката на инфлација“, додаде Славевски.
Од бројките на НБРМ може да се види дека увозот ќе расте побргу од извозот.
Иако догодина земјава ќе се задолжи две милијарди евра, приближно колку што ќе чинат пензиите, а јавниот долг според фискалната стратегија ќе надмине 62 отсто, Славевски смета дека нема простор за загриженост, затоа што процентот на јавен долг бил во рамки на препорачаните граници.
Славевски се воздржа и од коментар за новиот извештај на Европската комисија во кој во речиси сите сегменти земјава нема напредок со образложение дека треба допрва да се анализира.
Ирена Чачкова
