Минатогодишните препораки не се или само делумно се спроведени, нотирано е во извештајот на ЕК, а Македонија има ограничен или умерен напредок во делот на пазарната економија и јавните набавки. Мора да се работи за законската регулатива, патната и железничка инфраструктура за да се подобри конкурентноста на домашните компании, да се надгради системот за јавни набавки и нивна контрола и да се намали сивата економија.
Ограничен и умерен напредок со делумно спроведени препораки е генералната оценка во извештајот на Европската комисија во делот за пазарната економијата и јавните набавки. Државата има добро ниво на подготовка во развојот на функционалната пазарна економија а реалниот раст на БДП во 2024 е забрзан со зголемената приватна потрошувачка и јавните инвестиции.
Сепак од Европската комисија нотираат дека заради зголемувањето на платите во јавниот сектор и пензиите, со одложување на фискалната консолидација и правила дефицитот се зголемил повеќе од планираното.
„Извршувањето на планираните капитални расходи продолжува да страда од слабо управување со јавните инвестиции. Напорите за формализирање на неформалната економија се заглавени. Состојбата на пазарот на трудот се подобри, но структурните проблеми продолжуваат, вклучувајќи ниски стапки на учество, значителна емиграција и голем родов јаз“, соопштуваат од Европската комисија.
Од Комисијaта бараат да се спроведат препораките од минатата година како обезбедување усогласеност со фискалните правила, усвојување дополнителни мерки за зголемување на приходите, контрола на тековните трошоци, да се усвои законот за јавно приватно партнерство, да се усвои и спроведе ревидиран акциски план за формализирање на неформалната економија и да се забрза спроведувањето на акцискиот план за управување со јавни инвестиции.
Македонија е делумно подготвена да се справи и мери со притисокот на конкуренцијата на европскиот пазар благодарение на новиот закон за стручно образование и обука а во прилог на тоа оди и темпото на дигитализација во економијата и образованието.
Државата мора да се фокусира на подобрување на патната и железничката инфраструктура и дигитализацијата на јавните услуги за да им помогне на домашните компании во конкурентноста. Изградбата на Коридорите 8 и 10 се подразбира.
Кога станува збор за јавните набавки од ЕК оценуваат дека има само ограничен напредок и тоа само поради ажурираната верзија на електронскиот систем за јавни набавки. Државата треба да го усвои Законот за јавно-приватно партнерство и Законот за концесии, да го подобри следењето и контролата на постапките за јавни набавки и да ги зајакне контролите во јавните набавки и капацитетите на надлежните инстиутции кои се борат против корупцијата.
Кога станува збор за слободното движење на стоки има умерена подготвеност, а Македонија во извештајниот период не постигнала никаков напредок исто како и во однос на слободата на движење на работниците која е во рана фаза на подготовка.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: T.Д.
