Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, објави дека побарал од Врховниот суд да испита дали е уставно можно да се одземе државјанството на сите граѓани кои ја поддржуваат идејата или се приклучуваат на повици за воена инвазија врз Венецуела.
Според него, ваквите постапки претставуваат „предавство на татковината“ и директен напад врз националниот суверенитет. Мадуро се повика на член од Уставот, кој утврдува дека Венецуелците имаат должност „да ја почитуваат и бранат татковината, нејзините симболи и културни вредности, како и да го чуваат и штитат суверенитетот, националноста и територијалниот интегритет на земјата“.
Оваа иницијатива доаѓа во време на зголемени политички тензии и обвинувања од страна на владата во Каракас дека одредени опозициски групи бараат странска интервенција за соборување на режимот. Критичарите на Мадуро ја оценија најавата како обид за заплашување и ограничување на политичката опозиција.
Т.Д.
