Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола утрово ќе започне дистрибуцијата на 1 013 357 избирачки ливчиња за гласањето на вториот круг на Локалните избори 2025, информираат од Државната изборна комисија. Ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Во сабота гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии. Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.
На 2 ноември в недела прегласување за членови на Совет ќе има на три избирачки места во општината Шуто Оризари, каде што е можно теоретски да се влијае за избор на мандатите за советници.
