За помалку од три месеци западна Турција по вторпат е погодена од силен земјотрес. Како и првиот пат во август годинава, епицентарот на земјотресот е во провинцијата Синдирги, а бил почувствуван и во соседните Бурса, Маниса и Измир. Единствената материјална штета досега пријавена се три урнати објекти кои биле оштетени од претходниот земјотрес.
„Одеднаш почна да тресе. Со сопругот седевме во кујната кога почна да тресе и ние не знаевме што да правиме. Излеговме надвор но почна да врне и затоа дојдовме овде во пазарот“, вели Емине Бајкар, жителка на Баликесир.
Во земјотресот нема жртви, иако властите пријавија 22 повредени лица, најголемиот дел од нив како резултат на падови во момент на паника. Многумина поттикнати од десетината афтершокови ноќта ја поминаа под отворено небо или во своите автомобили.
„Сите избегавме надвор со се деца. Ќе спиеме во кола. -Вие сте боси. -Да. Излегов од дома и не сѐ уште не можам да се врата. Поминавме од другата страна на улицата да земеме чај, супа. Што да правиме? Благодарни сме и за ова“, изјави жител на Баликесир.
Силни земјотреси се честа појава во Турција која лежи врз два раседи, северноанадолскиот и источноанадолскиот, каде што Евроазиската и Африканската плоча ја заобиколуваат малата Арапската плоча.Токму на источноанадолискиот расед во 2023 година се случи разорниот земјотрес од 7,8 степени, кога во Турција и Сирија загинаа повеќе од 60.000 лица, а без покрив над глава останаа еден и пол милион луѓе.
Игор Трајков
