Вести Македонија Топ вести

Скопје во фокусот на светската енергетска дебата: Почна „Глобалниот форум за одржлива енергија“

Енергетската транзиција кон обновливите извори на енергија е клучен процес кој бара одржливи и сигурни решенија, а енергетската независност не е само обврска туку и клуч кон економската слобода на секоја држава. Ова се само дел од пораките кои беа испратени од учесниците на „Глобалниот форум за одржлива енергија“ кој денес почна во Скопје а на кој се присутни над 400 гости од 70 држави во светот меѓу кои и високи претставници на ОН, ЕУ и владини делегации.

Форумот ќе трае три дена и ќе финишира со потпишување на „Декларација Скопје“, а во фокусот на панел дискусиите ќе бидат енергетската транзиција, технологијата и пазарите, производството на енергија и соработката за обезбедување енергетска сигурност.

Зависност од еден енергенс или снабдувач е минато, а Македонија ги постави основите за транзиција кон чистата енергетска иднина со нови законски регулативи и зголемување на производството од обновливи извори, кажа министерката за енергетика Сања Божиновска на отворањето на форумот.

„Зависноста од еден извор или снабдувач е ризик од минатото, иднината припаѓа на диверзифицирани, одржливи и сигурни енергенси и решенија. Ќе се потпише „Декларацијата Скопје“ која ќе остане како траен белег на заедничката волја да ја направиме енергетската иднина поправедна, почиста и посигурна. Сигурна сум дека оваа декларација ќе ја зацврсти позицијата на нашата држава на енергетската светска мапа како едноправен партнер и двигател на позитивните промени“, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Ниту една држава нема да успее ако работи во изолација, а предизвиците како и можностите кои доаѓаат се огромни, нагласи Татјана Молчан, помошник генерален секретар на Обединетите нации.

„Се наоѓаме на еден крстопат кога се работи за мултилатерализмот во енергијата. Глобалната енергетска инвестиција претставува не само историска можност за одржлив развој, туку и голема одговорност. Мора да градиме отпорни енергетски системи кои ќе организираат безбедна, пристапна и еколошка одржлива енергија“, рече во своето обраќање Татјана Молчан, Генерален потсекретар на ОН.

Во своето обраќање премиерот Христијан Мицкоски кажа дека Македонија е центарот на светската дебата за иднината на енергијата како и дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации, бидејќи енергетиката е срцето на економијата.

„Она што порано значеше сигурен снабдувач, денес значи флексибилен систем, отворен пазар и чисти извори на енергија. Енергетската стабилност не е само безбедносно прашање, глобалните турбуленции не потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода, без слобода нема развој, стабилност, нема ниту достоинство“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.

На првиот панел од форумот каде говореа високите претставници беше истакнат напредокот во процесот на декарбонизација и трансфер кон обновливите извори на енергија.

„Во регионот се одвива опиплива енергетска транзиција. Во 2024 година, само интензитетот на јаглерод се намали во просек во регионот за 11%. Ова е невиден развој на обновливите капацитети, освен огромниот хидрокапацитет, кој се прошири за повеќе од 50% во периодот 2020 – 2025 година“, рече Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на енергетската заедница.

На маргините на форумот, претставници на македонската Влада ќе имаат неколку средби со дел високите претставници од регионот на кои ќе се разговара за интензивирање на соработката и нови проекти особено во делот на енергенсите како што се интерконекторите.

Oгнен Чанчаревиќ 

Дигитална обработка: Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пораките од Брисел се јасни: без уставни измени, земјата може многу малку да искористи од новите иницијативи

Дејан Дејан

Нормализиран сообраќајот на Плетвар по тешката сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице

Igor Trajkov

Мојсовска: Досегашниот модел на проширување на ЕУ е неодржлив, потребен е нов пристап преку „прогресивно набљудување“ и влез во заедничкиот пазар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе