Два избирачки одборa во Шуто Оризари денеска се разрешени од Државната изборна комисија (ДИК). Ќе добијат и кривични пријави, а согласно Законот за административни службеници ќе бидат известени и нивните работодавачи. На денот на гласањето, ги измениле записниците кои првично биле прифатени од ОИК и ДИК, затоа што не ни помислиле дека би имало нешто неправилно на записници на кои се потпишани сите девет члена на избирачките одбори, па дури и овластени претставници на кандидатите.
Случајот е откриен по приговор од партија, кога е утврдено дека записниците не соодветствуваат со фактичката состојба. Се работи за избирачки места во кои Управниот суд веќе го поништи гласањето.
„Обвинителството може ова да го смета како случај по допрен глас и не мора да чека ние да ги доставиме доказите за да покрене кривични пријави иако и ние ќе го сториме тоа“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Од ДИК посочија дека записниците имаат третман на јавна исправа и оттаму нивното менување се смета за кривично дело. Интересно е што, на записниците се потпишале девет члена на избирачките одбори, а за случаите немало ниту реакција од овластените партиски претставници. Оттаму, дополнително ќе се утврдува и дали записниците се менувани по завршувањето на изборниот процес.
На местото на разрешените избирачки одбори ќе бидат поставени одбори од места каде гласањето заврши во првиот круг и никако нема да бидат од Шуто Оризари.
Од ДИК им препорачаа на сите членови на избирачките органи, работата да си ја вршат професионално, стручно и неодговорно затоа што, за секое постапување поинаку, ќе сноси кривична одговорност.
Далиборка Демјанска Цветановска
