Вести Македонија Топ вести

Кој кого ќе поддржи во втор круг?

Кој кого ќе поддржи и каде ќе се „прелеат“ гласовите во вториот круг?! – За некои општини неизвесноста ќе потрае, а некаде веќе се јасни позициите на партиите. Остануваат уште пет дена од кампањата пред вториот круг, уште толку време да се искристализираат коалициите за гласањето во недела на 2 ноември. А, додека се засилуваат шпекулациите, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, отфрла дел од нив. Нема соработка со Мерко од Струга и неговата независна листа и нема никаков пазар за амнестија на сѐ уште актуелниот струшки градоначалник, нешто што се појави како информација кај дел од онлајн медиумите.

Во Струга ќе се одржи втор круг, а таму разликата е 215 гласа во корист на независниот кандидат, Менди Ќура наспроти кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ, Арсим Далипи. Ќура е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди.

„Тоа се портали коишто претпоставувам се финансирани од еден ист центар којшто сега е разочаран, затоа што Рамиз Мерко не ги поддржува ДУИ во вториот круг. Претпоставувам сега дека за да најдат противтежа како да направат сензација за да ја потонат таа вест, вадат во јавноста комплетна невистина. Мислам, таман работа видете луѓе, ние многупати во јавноста сме го кажале нашиот став за Рамиз Мерко“, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Од Вреди на став дека Левица со своите гласови ќе го „спасува“ кандидатот на ДУИ во Струга, Далипи. Тврдат дека Националната алијанса за интеграција има преќутен договор со опозициската партија.

„Арсим Далипи, со „референдумот“ во рака и со „националната кауза“ во уста, заедно со „патриотите“ Таравари и Села, најдобро докажуваат дека нивната кауза никогаш не била албанска, затоа што оној што се здружува со Левица, ѝ го врти грбот на НАТО, на Западот и на самите Албанци“, велат од Вреди. 

Според дел од политичките аналитичари во земјава, јасно е дека за кандидатите на Вреди во вториот круг нема да изостане поддршката од ВМРО-ДПМНЕ онаму каде што и тие немаат кандидат. Аналитичарот Селими не очекува јавно да се обзнани и да се официјализира евентуалната поддршка помеѓу опозициските партии. Во меѓувреме, неизвесно е и во неколку други општини. Една од тие е Кичево, каде што кандидатот на НАИ, Дехари, ќе се обиде да надополни нешто над 6.000 гласа заостанување зад кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовановски.

„По изјавите во последните денови на премиерот Мицкоски кои беа остри критики кон кандидатите кои очекуваат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, сепак мислам дека ќе има поддршка, но тоа нема да биде со истиот интензитет како во првиот круг. Од друга страна, мислам дека ДУИ и НАИ ќе се обидат да пристапат до гласачите кои не се нивни поддржувачи. Не очекувам дека ќе има некоја јавна или официјална поддршка од некоја друга политичка партија – било тоа да е СДСМ или некоја друга од опозициските партии“, изјави политичкиот аналитичар, Сефер Селими.

Лидерот на СДСМ, пак, најави дека партијата до среда ќе одлучи за взаемна поддршка во вториот круг со други политички партии. Според Филипче, се разговара за две работи – каде социјалдемократите бараат поддршка и каде тие треба да дадат. Претходно, кандидатот за Град Скопје на Левица, Мециновиќ, кој влезе во вториот круг, ги повика гласачите на Каја Шукова од СДСМ во првиот круг, сега да дадат глас за него. Тој ќе ги „судри копјата“ со Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

 Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Барањето на Македонија за гаранции за влез во ЕУ е невозможно, став на Мојсовска во Топ Тема

Дејан Дејан

Протестен марш на ДУИ против укинувањето на одлуката за преименување на десетина улици од 2007-ма година

Igor Trajkov

Пораките од Брисел се јасни: без уставни измени, земјата може многу малку да искористи од новите иницијативи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе