Родителот, кој на фудбалскиот натпревар меѓу младинските екипи на Брегалница и на Шкупи нападна двајца 15-годишни домашни фудбалери, доби казна затвор во траење од 11 месеци. Портпаролот на Основниот суд – Штип и воедно судија кривичар, Сашко Георгиев информираше дека пресудата за обвинетиот Авни Абгулиј од Скопје е донесена за сторено кривично дело „Насилство“ од член 386, став 4, од Кривичниот законик. Пресудата не е правосилна, следи период на жалби до Апелациониот суд во Штип.
Основното јавно обвинителство во Штип веднаш по настанот поведе и итна постапка против 43-годишниот родител за кривично дело „Насилство“ од член 386, став 4, во врска со став 3, и став 1 од Кривичниот законик, кој извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските фудбалски екипи на Брегалница и на Шкупи.
„Со дејствијата, тој ја загрозил сигурноста на две деца, родени 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, информираше Обвинителство на 25 август.
Инцидентот се случи во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за Шкупи.
„Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди, повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, се вели соопштението од Обвинителство, објавено на 25 август.
Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) веднаш донесе и неколку дисциплински мерки. На играчот на Шкупи, чијшто родител е осуден за виновен, му е изречена најстрогата санкција – исклучување од фудбалска организација. Покрај него, за уште двајца играчи на Шкупи, кои се вклучени во инцидентот, е поведена постапка, по што им е изречена казна забрана на играње во траење од три месеци.
Казна да не игра четири натпревари доби и 15-годишен фудбалер на штипска Брегалница, којшто се впуштил во груба игра и самозаштита при нападот. Се поведе постапка, а организаторска и колективна одговорност се бараше и од двата клуба – од Шкупи заради нападот на родителите врз противинички играчи, а од Брегалница заради слабата организација на натреварот и пропуст во обезбедувањето.
