Вакцините стигнаа навреме, во тек е пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип со која се опфатени ризичните категории граѓани: бремените жени, децата од 6 месеци до пет години, хронично болните без оглед на возраста, лица над 65 години и секако здравствените работници. И покрај тоа што во последниве години се забележува растечки тренд во набавката на вакцините и искористување на истите, сепак најголема е свесноста кај возрасните лица и хронично болните пациенти, вели професор Ставриќ, додека загрижувачки е интересот кај бремените жени и децата под пет годишна возраст.
- За жал иако секоја година сме сведоци дека во сезоната на грип и во пикот на грип и Детската клиника и болницата во Козле и другите одделенија низ Македонија се преполни со деца со заболени со грип, возраста е таа што ги прави прво да се почувствителни, а второ и посклони да направат компликации и затоа спаѓаат во ризична група каде што треба да се вакцинираат – проф. д-р Катерина Ставриќ, член на Националната комисија за имунизација.
Минатата година се вакцинирале само 36 деца на возраст под пет години. Важно е да се подигне свеста кај бремените жени, доколку имаме предвид дека минатата година се вакцинирале само 27 жени.
- Важни се бремените жени, затоа што тука штитат два живота, значи и самата себе се заштитува, затоа што и таа е изложена на контакти и на можност за заболување и грипот може да предизвика компликации во поглед на бременоста и на плодот. Но уште поважна е заштитата на плодот односно на новороденото, затоа што кога зборуваме за деца за вакцинација, вакцината се дава кај деца над шест месечна возраст. Првите шест месеци од животот на бебето е незаштитено. Вакцинирајќи се бремената жена фактички антителата што ќе ги пренесе на бебето го штити во тие шест месеци. А знаеме дека е тоа оној период кога покажале студиите дека за 50% намалува ризик од хоспитализација во интензивни одделенија, тешки компликации и пролонгирани состојби – Ставриќ.
Во тек се последните подготовки на трите пункта каде ќе се одвива бесплатна вакцинација против сезонски грип: поликлиника Бит пазат и поликлиника Идадија кои ќе работат во две смени, додека поликлиника Букурешт ќе биде само втора смена од 14 часот до 19 часот.
- Малку имаме проблем со кадар, со доктори , тоа морам да го кажам и тоа веќе сите го знаеме. Но, се трудиме и ќе завршиме како и секоја година. Ќе ни помогнат и докторите што ги имаме преку проектот од Министерство за здравство за платена пракса шест месеци и нив ќе ги вклучиме и нашите екипи. Сите ќе добијат порака и да дојдат точно на пунктот и на време. Нема потреба да дојдат порано или подоцна, затоа што ние ќе имаме повеќе екипи кои ќе работат и мислам дека ќе немаме проблем – д-р Бурак Шабани, Здравствен дом- Скопје.
Во меѓувреме центрите за јавно здравје обезбедија 2400 комерцијални вакцини и од нив 1000 дози има во Центарот за јавно здравје -Скопје. Примањето комерцијална вакцина против сезонски грип ќе чини 700 денари.
Нина Стефанова
Б.С.
