Вести Свет Топ вести

Трамп: Ја завршивме војната во Газа, заложниците ќе бидат ослободени во понеделник или вторник

Израелските заложници ќе бидат ослободени во понеделник или во вторник, најави американскиот претседател Доналд Трамп по состанокот во Белата куќа. Обврската што ја презеде Хамас во првата фаза од неговиот мировен план ја нарече комплициран процес. Покрај 20-те живи, палестинската група ќе предаде останки и на 28 лица од киднапираните на 7 октомври пред две години. Детали или временска рамка не понуди, но потврди дека ќе патува во Египет на потпишување на договорот меѓу Израел и Хамас од кој се очекува да донесе траен мир на Блискиот исток. Трамп најави дека наредните денови ќе патува во Египет, а во Израел се очекува да пристигне во недела.

„Како што знаете, синоќа постигнавме значаен напредок на Блискиот Исток, нешто за кое луѓето велеа дека никогаш нема да се случи. Ја завршивме војната во Газа и навистина, на многу поголема основа, создадовме мир. И мислам дека тоа ќе биде траен мир, се надевам, вечен мир. Мир на Блискиот Исток. Обезбедивме ослободување на сите преостанати заложници и тие треба да бидат ослободени во понеделник или вторник. Нивното ослободување е комплициран процес. Газа сигурно ќе биде преуредена. Имате огромно богатство во тој дел од светот од одредени земји. И само мал дел од тоа, она што го заработуваат, ќе направи чуда за Газа. И мислам дека ќе видите некои големи земји како вложуваат многу пари и се грижат за работите. Но, постои огромен дух, каков што не сум видел досега“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Покрај ослободување на заложниците, првата фаза од договорот кој е постигнат опфаќа примирје, повлекување на израелските сили од делови во Појасот во рок од 24 часа и влез на неопходната хуманитарна помош или по 600 камиони дневно. Израел објави дека е подготвен за преземање на заложниците, но порача и оти нема да толерира парадирање со нив низ енклавата, како што беше случај во изминатите рунди на размена заложници за затвореници.

„Израел очекува предавањето на нашите заложници да биде извршено со почит и пристојност од Хамас и ќе нема никаква толеранција ако со нашите заложници се парадира наоколу, како што сме виделе во минатото“, порача Шош Бедросијан, портпаролка на владата на Израел.

Еврејската држава истовремено се обврза да ослободи 250 Палестинци осудени на доживотен затвор, како и 1.700 жители на Појасот кои се притворени по 7 октомври. Портпаролката на израелската влада порача дека меѓу нив нема да биде еден од затворените лидери на Хамас, Марван Баргути.

Но, сето ова покрива само дел од оригиналниот мировен план од 20 точки. Иако е постигнат голем напредок, сепак, се изоставени некои клучни елементи. Најважно меѓу нив е прашањето за разоружување на Хамас, што важи за клучна ставка во планот на Трамп. Хамас и претходно одби да го стори тоа, тврдејќи дека такво нешто ќе дојде по воспоставување на палестинска држава.

Попладнево во Ерусалим се одржа состанок на безбедносниот кабинет на Нетанјаху. Еден час подоцна беше најавен состанок на владата на кој треба да се потврди мировниот план на Трамп, иако дел од министрите изразија сомнеж дека предложеното ќе води до мир, а дел порачаа дека нема целосно да го поддржат предложеното решение.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Вучиќ од вечерашниот митинг: Ќе бидам претседател уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка

Дејан Дејан

(видео)1.430 загинати најнов биланс на жртвите во земјотресот во Венецуела – пред затворање на 72-часовниот прозорец пронајдено живо бебе

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе