Зекирија Шаини, носител на листата на ДУИ во Липково и лекар-пулмолог, е во добра здравствена состојба и по краткиот болнички престој е пуштен на домашно лекување. Шаини беше застрелан во центарот на Куманово и имал четири рани од куршуми.
Снимки од безбедносни камери покажуваат дека маскираниот напаѓач истрчува од влез и со пиштол пука кон Шаини кој бил во својот голф. Од обвинителството вчера соопштија дека, според првичните информации, мотивот за нападот не бил политички, но се проверуваат сите индиции. Извори од истрагата велат дека станува збор за мотив од семејни прилики поради што имало неколку осомничени и траги кои се проверуваат.
Направен е претрес во една куќа во Куманово, но сопственикот на таа куќа бил отфрлен како можен осомничен. Во првичните изјави, ранетиот Шаини рекол дека во моментот на нападот зборувал на мобилен телефон и не го видел ликот на напаѓачот.
Нападот се случи пред Општина Куманово и седиштето на општинската изборна комисија, а во непосредна близина на судот, обвинителството и полициската станица. Случајот доби и политички димензии, бидејќи Шаини е актуелен претседавач на Советот на Липково, предложен од ДУИ.
Неговата партија денеска ќе паузира со предизборни активности, а нападот го нарекоа варварски чин со силни индиции за атентат и побараа безбедни избори и ефикасна истрага во интерес на безбедноста на граѓаните и државата.
Министерот Тошковски, пак, ги отфрли првичните барања на опозициската СДСМ која бараше негова оставка од позицијата во МВР. За вас политиката е шоу, за нас е одговорност, ѝ одговори Тошковски на опозицијата преку ФБ.
„Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика“, напиша Панче Тошковски на Фејсбук.
Од СДСМ, пак, му вратија дека треба да покаже одговорност за престрелките кои се случуваат во неговиот ресор.
„Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговорност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад. Последиците од партизацијата на полицијата и претоварувањето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните“, соопштија од СДСМ.
Нападот врз Шаини се случи на десетина метри од општината и полициската станица.
Миомир Серафиновиќ
