По седум месеци откако протестираа за доцнењето на платите и за несогласувањето на ресорното министерство да го исплати во целост зголемувањето од 8, 5%, согласно порастот на минималецот , Колективниот договор за култура, Општиот колективен договор и Законот за работни односи, Синдикатот за култура ја доби првата судска пресуда од 800 тужби против Министерството, поднесени за скратените плати за 3%. Оваа прва победа е јасен доказ дека борбата за достоинството во културата е правно издржана , рекоа од СКРМ на пресот пред министерството.
- Се потврдува дека културните работници се жртви на незаконити решенија и неправедна пресметка на платите. Се налага институциите конечно да го почитуваат законот и достоинството на културните работници. Со оваа пресуда, Судот потврди дека правата на културните работници биле повредени со незаконски донесени решенија за плати, вели Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.
Со пресудата се поставува темелот за сите останати 799 тужби што следуваат, рекоа од СКРМ. Тие прстот го вперија кон вработени во Министерството за култура и туризам , за кои кажаа дека последниве две години ги кројат решенијата за плати со номинални износи, наместо според законска формула.Како е направена формулата за кратење на платите од министерството не добиле одговор, а од Финансии ги известиле дека пресметките се прават во Култура. Затоа прашуваат:
- Кој ќе ја понесе одговорноста за ваквата штета , кога документите немаат потпис од изготвувач и одговорно лице? Ќе одговара ли некој за судските трошоци на кои сега се изложени институциите? Дали истите службеници сега ќе ги заштитат директорите во културата, за кои СКРМ поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената должност , прашува Атанасовска од СКРМ.
Од СКРМ бараат средба во министерството за надминување на проблемот. Доколку тоа не се случи најавија продолжение на правната битка и барање одговорност за оштетениот буџет.
А, од министерството со одговор дека до нив не е пристигната никаква официјална информација за добиената пресуда во корист на СКРМ и немаат конкретни сознанија за која институција од културата се однесува пресудата. Министерството за култура и туризам внимателно го следи целиот процес и веднаш штом ќе располагаат со проверени информации, навреме ќе ја информираат јавноста, велат од таму.
Сотир Трајков
Б.С.
