Астрит Калаја, судија во Апелацискиот суд во Тирана, е убиен денеска во судница со неколку истрели од огнено оружје. Убиството се случи попладнево, околу 15:40 часот, додека изрекувал пресуда во имотно-правен спор. Нему во сцре му пукал 30-годишниот Елвис Шкамби, еден од учесниците во процесот, кој бил страна во спорот.
Албанските медиуми, според првичните информации, пишуваат дека Шкамби не бил запрен од обезбедувањето на влезот во судот и вооружен влегол во судница. По објавување на пресудата, која според сторителот била во корист на другата страна, го извадил пиштолот и пукал директно во судијата. Веднаш потоа пукал и во Ракип и Елвис Куртај, татко и син, кои пред судот ја застапувале другата страна. Притоа, двајцата се здобиле со повреди и се превезени во болница, каде според лекарите, се надвор од животна опасност.
Полицијата веднаш го упасила Шкамби кој го признал делото.
Ова е прв случај на убиство на судија во судница во историјата на албанското правосудство. Албанските медиуми пренесуваат дека Калаја успешно го минал ветингот во 2019 година. Апелацискиот суд во Тирана моментно го чува приватна фирма за обезбедување. Претходно беше објавено дека детекторите за метал на влезот во судот не работеле, кога Шкамби влегол во зградата.
С.Д.
