Вести Македонија Топ вести

„Куферчињата со пари“ главни во предизборната кампања

„Куферчиња со пари“, предавства во односите со Бугарија и големите национални прашања, кои  преовладуваа во првата недела од кампањата, не изостанаа ниту на почетокот на оваа недела. Иако на локални избори се избира кој ќе се грижи за ѓубрето, улиците, канализациите и инфраструктурата, партиските лидери не престануваат со тешки обвинувања за висока корупција.

Претседателот на СДСМ денеска обвини за безидејност и одвлекување на внимание.

„Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период се во една цела безидејност и немаат што друго да направат. Немаат што да прикажат, немаат сериозен проект, се вадат и како алиби го кажуваат тоа дека за некои работи биле потребни децении. Соочени се со тоа што ние го кажуваме што ние сме направиле во нашиот мандат за само година или две“, рече Филипче.

Негираше дека имал средба со Зијадин Села за предизборна коалиција во Струга. Тврди дека, во оваа фаза нема соработка, а за понатаму ќе се одлучува по првиот круг. Повторно обвини за злоупотреба на институциите од страна на началници од МВР, кои според него, воделе состаноци на месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ и побара реакција од Тошковски. Министерот, пак, вчера одговори дека е невозможно да ги познава сите вработени во МВР, ниту, пак, да е запознаен со нивните активности надвор од службените обврски. Доколку се утврди дека некој постапил спротивно на законот, ќе биде постапено исто така согласно законот.

Во препукувањата денеска се вклучи и екс-премиерот, Зоран Заев. Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека поранешен премиер на Бугарија му  дал куферче со пари на гуруто на Венко Филипче од Струмица, на Фејсбук ја нарече клевета и обвини дека, токму неговите поддржувачи и финансиери се експерти за куфери со пари.

Неговото огласување во јавност, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ го нарече доказ дека Заев уште ги влече конците во партијата.

„Вордингот што го користат и тој и Филипче им е ист, што укажува на тоа дека на дневна основа се координираат со него (Зоран Заев) и толку се блиски, што дури и исто се изразуваат. Или, можеби, исти човек од заедничкиот тим им ги пишува и говорите и статусите и на едниот и на другиот“, обвини Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата, пак, побараа „Филипче да си ги види Фејсбук профилите и Тик ток кампањата на негови соработници и на платени лица кои измислуваат најбрутални  лаги и гадости,  па после да глуми мајка Тереза“. Обвинија дека, токму СДСМ води негативна кампања, а тие само потсетуваат на „катастрофата од нивното владеење чии последици се чувствуваат и сега“.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мајка од струшко ги оставала своите две малолетни деца да спијат во возилото додека била на работа

Дејан Дејан

Врачување на највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата на манифестацијата „Мостови“

Дејан Дејан

Муцунски на Дубровник форум: Со новата легитимна влада во Софија постои можност за разговор за отворените прашања

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе