Вести Економија Топ вести

Економијата и буџетот заздравуваат од последиците на пандемијата

Економијата заздравува, буџетот се полни, трговскиот дефицит се намалува, се намалува и невработеноста, а се зголемила просечната плата. Вака премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими ги презентираа ефектите од четирите пакети мерки помош за економијата за справување со последиците од пандемијата со кооронавирусот, досега тешки 860 милиони евра, а кои овозможиле бруто домашниот производ во 2020 да заврши во минус само 4,5 проценти, а не со предвидените минус 8,7%.

„Согласно последните макроекономски и фискални движења и очекувањата во однос на меѓународното економско опкружување, домашната економија е предвидено да се врати на патеката на економски раст во 2021 година и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата“, изјави премиерот Заев.

Заев и Бесими се пофалија дека наплатата на даноците во првиот квартал од оваа година е подобар од лани и годината претходно, кога немало пандемија, па приходите во буџетот во првиот квартал годинава се зголемиле за 4,4 проценти, а на даноците и придонесите за 5%. Позитивен тренд има и кај трговскиот дефицит кој во јануари се намалил за 29 проценти. И јавниот и државниот долг се во рамки на буџетските предвидувања, соопшти Бесими, со очекување до крајот на годинава јавниот долг да достигне 63,4 проценти, а државниот 53,2 проценти.

Освен буџетската и трговската позитива и невработеноста забележила тренд на намалување во 2020 година и тоа за 0,9 проценти споредено со годината претходно.

Но позитивните економски трендови малку им значат на 17.000 работници кои се уште ја чекаат платата за февруари поради неусвојување на петиот пакет мерки од страна на пратениците, за што Бесими се надева дека наскоро ќе се случи.

„Во однос на мерката за плати што ја добиваат фирмите, со цел да се компензира овој загубен период со амандманско решение се дава можност до 15 април да аплицираат за двата месеци, и за февруари и за март, и со тоа и тие износи што ги исплатиле за март како што предвидуваше законот и мерката, значи да може да се реализира од страна на фирмите. Аа со цел да се намалат административните постапки во однос на  реализација на мерката, сега може да аплицираат со една апликација за двата месеци. Со тоа сметаме дека тој дел ќе се надмине и тоа за брзо време штом се изгласаат законите“, вели Бесими.

Освен работниците кои ги чекаат платите од помошта со петиот пакет мерки, од Владата најавија помош и за сите угостители кои вчера мораа да ги затворат своите објекти поради новите рестриктивни мерки.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вечерва во Белград се отвора македонски Културно-информативен центар

Дејан Дејан

Обдукцискиот наод за Ведат Адеми, кој почина по примање на терапија, доставен до ОЈО Куманово

Дејан Дејан

Шести Самит на Европската политичка заедница, прв на Западен Балкан – премиерот Мицкоски на настанот во Тирана

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе