Вести Македонија Топ вести

Недоволен буџет за здравствена заштита и застој во изградбата на нови болници, регистрираат ревизорите во извештајот за 2023

Ревизијата на Министерството за здравство за 2023 година утврди дека 23 програми за здравствена заштита се реализирале со недоволни средства, што влијае на ликвидноста на Јавните здравствени установи, отсуство на лекови во определени периоди и слабости во контролите, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Исто така, капиталните проекти, вклучувајќи ги изградбата на нови клинички центри, се соочуваат со долгорочни застои и финансиски импликации на вкупната вредност на проектите, што влијае на достапноста и квалитетот на здравствените услуги за граѓаните Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Министерството за здравство за 2023 година, при што за утврдените состојби, неправилности и неусогласености издадено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Со ревизијата утврдени се слабости во финансиското управување, сметководствената евиденција, реализацијата на програмите и спроведувањето на капиталните инвестиции, што влијае врз квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.

Во 2023 година, за спроведување на 23 здравствени програми биле обезбедени 5,3 милијарди денари, што не било доволно за навремено и целосно подмирување на обврските кон јавните здравствени установи и дополнително ја влошило нивната ликвидност. Констатирани се повеќе недоследности во евиденциите, спроведувањето и известувањето за дел од поединечните програми и тоа:

  • Во рамки на Програмата за лекување ретки болести во 2023 година биле обезбедени лекови за околу 235 пациенти, со вкупен трошок од 878 милиони денари. Ревизијата утврди дека не е спроведена законски предвидената евалуација на ефектот од терапиите, а недостигот на ажурирани податоци за потрошувачката и залихите довел до слаба контрола на дистрибуцијата.
  • Во рамки на Програмата за обезбедување инсулин, во 2023 година биле реализирани 917 милиони денари за терапија и медицински помагала за пациенти со Дијабетес. Ревизијата утврди дека не се спроведени предвидените превентивни активности, а контролата на залихите е нецелосна поради неусогласени податоци помеѓу системот „Мој термин“ и извештаите од здравствените установи.
  • Програмата за рано откривање на малигни заболувања не го постигнува очекуваниот ефект, и покрај тоа што во 2023 година за скрининг активности биле реализирани 22,9 милиони денари. Ревизијата утврди дека недостасуваат јасно дефинирани мерливи индикатори, опфатот на населението е низок, а дел од пациентките чекале долго или не добиле резултати од скринингот за рак на грло на матка и рак на дојка, што значително го намалува влијанието на превентивните мерки.

 

 

  • Програмата за задолжително здравствено осигурување обезбедува средства за здравствено осигурување на приближно 250.000 граѓани кои немаат друг основ за осигурување. Во 2023 година, од планираните 3,1 милијарда денари, поради недоволно планиран буџет и пораст на просечната плата, не е исплатен надоместок во износ од 1,5 милијарди денари за последните пет месеци од годината. Оваа состојба го нарушува финансиското работење на Фондот за здравствено осигурување и редовната исплата кон јавните здравствени установи.
  • За спроведување на Програмата за заштита од ХИВ инфекција во 2023 година биле реализирани 89,3 милиони денари, од кои 17 милиони денари за ангажирање здруженија во теренски и советодавни активности. Ревизијата утврди дека целите, мерките и буџетот не се јасно поврзани, а јавниот повик за избор на здруженија бил спроведен без утврдени критериуми за евалуација. Овие недостатоци ја намалуваат транспарентноста и отчетноста при распределба и користење на јавните средства.

Во делот на капиталните инвестиции, ревизијата упатува на сериозни предизвици во спроведувањето на проектите, имено:

  • За Изградба на Општа болница Кичево утврдени се состојби кои предизвикале значителни финансиски импликации врз вкупната вредност на проектот, долгогодишно одложување на обезбедување на поквалитетни здравствени услуги за граѓаните, како и ризик од дополнителни трошоци во зависност од исходот на судската постапка што е во тек.
  • И покрај тоа што активностите за изградба на нов клинички центар во Скопје и Штип, преку проект финансиран со заем од CEB (Банка за развој при Советот на Европа), започнале во 2015 година, истите сè уште не се завршени. Откажувањето на компонентата за изградба на Клиничкиот центар во Скопје, пролонгирањето на роковите и раскинувањето на договорот за Клиничкиот центар во Штип резултирале со покренување на арбитражни постапки за отштетни побарувања во вкупен износ од 45 милиони евра. Истовремено, од вкупниот заем од 97 милиони евра, неповратно се повлечени 83,4 милиони евра од страна на кредиторот, односно средствата повеќе не се достапни за државата поради нивно неисполнување на условите и нереализација на проектот во предвидениот рок.

Во рамките на Нагласување на прашања, ревизијата укажува на следните ризици и предизвици:

– Иако повеќе од 90% од градежни работи на ЈЗУ „Св. Еразмо“ – Охрид и Градска општа болница Струмица , кои започнале уште во 2015 и 2016 година, се завршени, се уште не се обезбедени услови за пуштање на објектите во употреба. Причините за доцнењето се бројни: пролонгирање на рокови, склучување на голем број анекси поради пропусти во проектната документација, пораст на цените на градежните материјали, како и покренати судски постапки. Овие состојби предизвикале значително зголемување на трошоците и одложување од речиси 10 години во обезбедувањето на подобри здравствени услуги за граѓаните.

Недоволен опфат со вакцинација на населението, кој се движи од 56,3% до 87,7%, со особено намалување по пандемијата во 2020 година. Главните причини се зголемената недоверба на граѓаните во безбедноста на вакцините и одложувањата во спроведување на вакцинацијата со одредени вакцини.

Во делот Клучни ревизорски прашања , ревизијата посебно го анализира статусот, кадровската екипираност, финансирањето и начинот на функционирање на Единицата за имплементација на проектот за изградба на нов клинички центар .

Ревизијата исто така известува за расположливите неискористени средства на проектната сметка во износ од 517.251 илјади денари , односно 8,4 милиони евра од кои 6,01 милиони евра се по основ на активирани банкарски гаранции за квалитетно извршување на договор, наплатени од изведувачот при раскинување на договорот за изградба на Клинички центар Штип, а додека пак 2,4 милиони евра се повлечени а неискористени средства од кредитот. Дополнително, се укажува на неизвесноста околу идните трошоци кои ќе треба да се покријат од овие средства.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вработил без јавен оглас и одобрение од Финансии – кривична за директор на основно училиште во Липково

Дејан Дејан

(Фотогалерија) Повредени 24 луѓе, спасени екипажи, патници, деца – силно невреме мина низ Сплит

Дејан Дејан

Владата прогласи кризна состојба поради пожарите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе