Вести Економија Македонија Топ вести

Државата нема увид како ЕВН ги подесува броилата, забележуваат Инженери на Република Македонија

Од техничките описи на броилата Iskrameco MT174 и Iskrameco ME382 кои најчесто ги поставува, конфигурира и верификува ЕВН, може да се прочита дека тие поседуваат можности да бидат софтверски подесени да мерат повеќе потрошена електрична енергија од реално потрошената, нагласуваат Инженери на Република Македонија (ИНРМ).

„Единствен орган во државата кој врши некаква контрола на броилата е инспекциското тело на австрискиот оператор ЕВН кое е акредитирано од страна на Институтот за акредитација со сертификат ИТ-068. Подрачјето на инспекција определено со акредитацијата на ова инспекциско тело се однесува само на физичката и техничката верификација на броилата. Софтверските поставки никој во државата не ги проверува. Никој не проверува дали множителот е правилно поставен или ја множи потрошувачката ×1.1 или ×1.2, дали тарифните зони се точни или се применуваат измени во повисоки тарифи без знаење на граѓанинот, дали уредот е конфигуриран како трифазен кај монофазен корисник. Тоа не го прави ниту Бирото за метрологија, а не го прави ниту Институтот за акредитација. Така конфигурирањето на броилата кои ја мерат потрошувачката на струја долго време опстојува како „црна кутија“ под целосна контрола на австрискиот оператор ЕВН“, се наведува во соопштението на ИНРМ.

ИНРМ забележуваат дека граѓаните немаат можност за нивна независна проверка, иако, како што посочуваат, „подесувањата на овие параметри директно влијаат врз месечните сметки за струја.

„Како граѓани можеме само да изјавиме сомнеж дека плаќаме повеќе од потрошеното, можеме да побараме проверка на броилото, но проверката секако нема да ја изврши државен орган или независно тело, туку ќе ја изврши инспекциското тело на ЕВН. Но, и таму софтверските конфигурации нема да бидат проверувани, иако на крајот за тоа ќе ни се наплати соодветен износ. Ова претставува сериозна системска празнина во енергетскиот сектор“, велат од ИНРМ.

Поттикнати од изјавата на министерката за енергетика која за време на посетата на Бирото за метрологија во февруари изјави дека „ерата на неточни броила и високи сметки завршува“ и најавата дека државната лабораториска опрема за проверка веднаш ќе се стави во функција, тие поднеле барање за информации од јавен карактер до Бирото за метрологија за да ги согледаат резултатите од контролата која ја врши државната лабораторија.

„Одговорот што го добивме откри дека четири месеци од изјавата на министерката, опремата сè уште не е активирана, а првиот конкретен институционален потег – објавата на јавната набавка за инсталација и обука за системот ZERA MT310-5 – се случи дури на 12 јуни – неколку дена откако Бирото го прими нашето барање за информации од јавен карактер. Дополнително, од одговорот дознавме дека граѓаните немаат можност за директна проверка на броилата, ниту пристап до информации за техничките поставки, додека државните институции не водат ниту евиденција за моделите, ниту статистика за евентуални поплаки. Ова јасно покажа дека институциите реагираат единствено под притисок на јавноста, а не по сопствена иницијатива“, велат од ИНРМ.

ИНРМ информираат дека поднеле барање до ЕВН со прашања за техничките можности на броилата.

„Дали е технички возможно поставување на погрешен множител, дали е технички возможно менување на тарифи преку далечински пристап, дали се водат записи за интервенции и кој има пристап до нив. Прашањата не беа во правец дали ваквите интервенции се правени, туку дали вакви интервенции се технички изводливи и дали постои независна институција што тоа го надгледува“, истакинуваат од ИНРМ.

Инженери на Република Македонија заклучуваат дека е неопходно потребна итна реформа која ќе овозможи независен надзор, јавен регистар на броила и вклучување на државните институции во проверката на техничките поставки.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Организацијата Трамп ќе произведува златни телефони – експертите скептични

Дејан Дејан

Израел ликвидирал уште еден висок ирански воен офицер

Дејан Дејан

Мицкоски со порака до Радев – докажете дека немате нови услови

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе